Атлетика

„Бислет“-50-ти пат

11.06.2015 12:09

„Дијамантската лига“ е во Осло. Главниот град на Норвешка е 6-от собирен центар на харизматичното светско атлетско натпреварување.„Бислет“ стадионот е уникатна точка на светското атлетско небо!

Сјајот на атлетиката вечер ќе блесне од северот на Европа! „Дијамантската лига“ е во Осло. Главниот град на Норвешка е 6-от  собирен центар на  харизматичното светско атлетско натпреварување.„Бислет“ стадионот е уникатна точка на светското атлетско небо! Овој голем спортски храм ја слави 50-годишнината од одржувањето на атлетските митинзи. Својата атлетска репутација започна да ја гради со „Бислет гејмс“, стана дел од „Голден фоур“ митинзите заедно со  Цирих,Брисел и Берлин“,кои подоцна прераснаа во „Златната атлетска лига“. Денеска Осло го продуцира сјајот и на „Дијамантската лига“!

Многу светски атлетски  ѕвезди ќе заблескаат  вечер на норвешкото небо.Битката за вредните бодови ќе се води на многу фронтови, но два натпреварувачки чина се навестуваат како највозбудливи во оваа привлечната атлетска претстава. Кога  еден наспроти друг се Богдан Бондаренко и  Мутаз Еса Баршим  височинските дострели се небесни, речиси без лимит. Баршим, 23-годишниот  атлетичар на Катар скока фантастично на почетокот на сезоната, стигна до 2.41. Украинецот Бондаренко малку заостанува, 2.37 е неговото најдобро остварување.Двајцата ја градат формата за Светското првенство во август во Пекинг. Последниот нивен меѓусебен двобој го доби Баршим, но штом организатотот во Осло успеа одново да ги спротистави, многу веројатно е дека победникот, натпреварувањето ќе го заврши со напад на светскиот рекорд на  Хавиер Сотомајор на височина од 2.46. Од далечната 1993 година опстојува високата бариера од 2.45 која ја постави славниот Кубанец. Баршим и се доближи на само 2 сантиметри, Бондаренко на 3!Митот на Сотомајор денеска е одново во опасност!

Третата ѕвезда во најава   во Осло е Етиопјанката Гензебе Дибаба. Ќе трча на 5000 метри и ќе се обиде да го собори светскиот рекорд на Тирунеш Дибаба, на нејзината постара сестра, која пред 7 години на „Бислет“ го истрча најдоброто светско време од 14:11.15. Гензебе Дибаба блесна на митингот во Јуџин, имаше соло трка ,која ја заврши со втор резултат во светот оваа година.За да го надмине резултатот на својата сестра, потребно е вечер да трча за приближно 9 секунди побрзо. Ќе има голема  помош на пејс-мејкери и поддршката од трибините, но ќе ја слушаат ли нозете?

„Бислет“  во Осло,  резултатски  е еден од „најпродуктивните“ стадиони на светот. „Сопственик“ е на  точно 70 соборени светски рекорди!Овој извонреден стадион со уникатна атмосфера, меѓу Баршим, Бондаренко и Дибаба  ќе го  бара името на новиот свој атлетски херој.