Олимпизам

Карате, безбол и софтбол фаворити за Игрите во 2020

22.06.2015 13:41

Со најдобри шанси да најдат место на најголемиот планетарен настан се три спорта: безбол, софтбол и карате...

Меѓународниот олимписки комитет ја скуси листата на спортовите-кандидати за влез во програмата на Олимписките игри во Токио во 2020-та година. Од комбинација отпаднаа неколку спортови: бриџ,шах,сумо-борење,снукер и спортска ориентација. Со најдобри шанси да најдат место на најголемиот планетарен  настан се три спорта: безбол, софтбол и карате. 

„Вториот ешалон“ на спортови,  кои се надеваат на место под олимпиското сонце се:куглање,спортско качување,сквош,сурфање на даска,вушу и спортовите на ролерки.Влезот на нови спортови на Летните олимпијади е дел од реформите за кои се залага Меѓународниот олимписки комитет и актуелниот претседател Томас Бах.Интенција е  шанса да добијат нови спортови, кои ќе придонесат за развој на Олимпизмот, кои се привлечни за младите и атрактивни за спонзорски договори.

Безболот и софтболот се под иста раководна капа, обединети низ  Меѓународната безбол и софтбол конфедерација.Сознанијата наведуваат дека се големи фаворити да го вратат олимпискиот статус што го имаа на Игрите во Пекинг во 2008-та година.

Каратето никогаш досега не било на олимпијадите. Половина век џудото има предност, почнувајќи од Игрите во Токио во 1964-та година каде првпат се појави, а од 1972 година е постојан дел од програмата.

Меѓународниот олимписки комитет следната презентацијата на скусената листа на спортовите-олимписки кандидати ќе ја  направи на крајот на септември оваа година, а дефинитивната одлука кои ќе бидат спортовите-среќници што  „ќе патуваат“на Игрите во Токио во 2020-та ќе биде донесена на Конгресот на ИОК во август 2016 година.