Први здравствени проблеми за македонските одбојкари

Одмор за Ѓорѓевски и за Стојчев

24.06.2015 13:59

Македонската репрезентација се подготвува за десетте натпревари во групната фаза од Европската лига. Патешествието ќе почне од Парну каде што нашиот состав ќе и гостува на Естонија на 10-ти и на 11-ти јули...

По 20-тина дена дена подготовки за настапот во Европската лига, македонската одбојкарска репрезентација се соочи со првите проблеми од здравствен карактер. Зоран Ѓорѓевски заработи повреда и ќе одмора во наредните две недели. 34-годишниот среден блокер на Лирија, кој е највозрасен во националниот тим, е значајна алка во играта, на позицијата на којашто покрај него настапуваат искусниот Ѓоко Јосифов и младите Ристо Клопчевки и Филип Маџунков. Пократок одмор доби Перо Стојчев, кој во минатата сезона беше еден од најдобрите играчи на финалистот во нашето првенство – тимот на Сушево. Поради стара повреда заработена уште во домашниот шампионат Стојчев ќе мирува пет дена.

Македонската репрезентација се подготвува за десетте натпревари во групната фаза од Европската лига. Патешествието ќе почне од Парну каде што нашиот состав ќе и гостува на Естонија на 10-ти и на 11-ти јули. Според квалитетот на селекциите, токму тие две пресметки можат да имаат најголемо значење во трката за првите две позиции коишто обезбедуваат полуфинале.

„Ако почнеме добро во Естонија, нашите шанси значително ќе се зголемат. Одработуваме добри подготовки и се надевам дека ќе се подготвиме за дуелите со силните Естонци. Нема да биде лесно, но полека ја креваме формата и ќе бидеме на вистинското ниво за тоа што не очекува“, изјави одбојкарот на романска Крајова Владо Милев.

Отпадна варијантата за контролни средби со Тунис. Сега во комбинација е Грција која играше во Светската лига, но не успеа да се пласира на завршниот турнир од третата група во Братислава. Во случај на успешни разговори, Грците би ни гостувале во текот на следната недела, а би биле одиграни два меча од затворен карактер.