Европски игри - Баку 2015

Формален настап и на пливачката Серафимовска

25.06.2015 11:31

15-годишната Серафимовска заврши последна, 47 на 50 метри грбно со резултат 34,40 што е за речиси шест секунди послабо од времето на победничката Полин Матју од Франција...

И првиот од двата настапа на Европските игри во Баку на  македонската пливачка Јана Серафимовска беше формален. 15-годишната Серафимовска заврши последна, 47 на 50 метри грбно со резултат 34,40 што е за речиси шест секунди послабо од времето на победничката Полин Матју од Франција која е само една година повозрасна од неа. Серафимовска уште ќе плива во истиот стил, но на двојно подолгата патека.

Покрај неа, утре ќе настапат и Ана Марија Дамјановска во трката на 50 метри слободно, Љупчо Ангеловски на 50 грбно, како и џудистката Катерина Николоска која во категоријата до 63 килограми во првото коло за противничка ќе ја има домашната натпреварувачка, Ханим Хусејнова.

Македонското учество во Азербејџан од кадешто нашите спортисти благодарение на каратистите Панов и Несторовски најверојатно ќе донесат две бронзи, ќе заврши претпоследниот ден, в сабота, кога пливачот Ангеловски ќе настапи во трката на 50 метри слободно.