Европски игри - Баку 2015

Македонски рекорд на пливачот Ангеловски

26.06.2015 14:04

18-годишниот Ангеловски постави нов македонски рекорд на 50 метри грбно испливувајќи 28.15 што е за три стотинки подобро од претходното најдобро време на Горазд Чепишевски...

Од четирите денешни настапи на македонските спортисти на Европските игри во Баку, највреден е резултатот на пливачот Љупчо Ангеловски. 18-годишниот Ангеловски постави нов македонски рекорд на 50 метри грбно испливувајќи 28.15 што е за три стотинки подобро од претходното најдобро време на Горазд Чепишевски. Сепак, со овој резултат, Ангеловски беше само 39-ти во конкуренција на 42-ца натпреварувачи. Со неговата трка на 50 метри слободно, утре ќе заврши македонското учество на „Првите континентални спортски игри“.

15-годишните Ана Марија Дамјановска и Јана Серафимовска немаа забележителни настапи. На 50 слободно, Дамјановска беше 55-та од 58 пливачки, а Серафимовска остана последна, 41-ва на 100 метри грбно.

Нашата единстевна претставничка во џудо, Катерина Николоска е елиминирана во првото коло во категоријата до 63 килограми. 24-годишната Николоска освои еден јуко, но загуби од Ханин Хусејнова од Азербејџан која што на двата јуко поена придодаде и еден ипон, без разлика што беше казнета и со еден негативен поен. Бидејќи домашната џудистка беше поразена во втората борба, Николоска не влезе ниту во репасаж за евентуаелн бронзен медал.