Атлетика

САД со спринтерските ветерани во Пекинг

29.06.2015 13:05

Трките на куси патеки беа највозбудливиот дел од шампионатот, а главните протагонисти од поодамна познатите имиња...

САД  ги доби своите атлетски шампиони за 2015-та година. Во изминатите четири дена во Јуџин, американската атлетска елита се натпреваруваше за националните почести, но и за место во селекцијата, која ќе ја претставува  на претстојното Светско првенство во Пекинг.Спринтот  по традиција е  главната  димензија на американската атлетика, па  и во Јуџин ова не беше изневерено. Трките на куси патеки беа највозбудливиот дел од шампионатот, а главните протагонисти од поодамна познатите имиња. Во спринтерското шоу на ветераните, најсугестивен настап имаше 33-годишниот Џастин Гетлин, кој одново ја искажа  годинешната резултатска доминантност. Победи на 200 метри уверливо, а резултатот од 19.57 секунди е петтиот  на вечната листа во оваа дисциплина.Зад светскиот рекорд на Јусеин Болт од 19.19 и резултатите на Јохан Блејк, Мајкл Џонсон и Диксон Никс., Гетлин трча во фантастична форма и токму на патеката потвдува дека не се само празни зборови во ветар дека во Пекинг ќе ја прекине доминацијата на спринтерскиот крал, Јусеин Болт!

Тајсон Геј  ја „одлежа“ едногодишната суспензија како последица на позитивниот допинг-тест  и  победнички се врати на патеката.Во Јуџин ја доби исклучително важната трка на 100 метри, со многу солидни 9.87 секунди. Тоа значи, на крајот на август нова блиска средба со Болт на тартанот на „Птичјото гнездо“ во Пекинг, каде што во 2008-та година на Олимписките игри започна нивното големо ривалство. Резултатите на Гетлин и Болт навестуваат ново, супер-интересно продолжение на светската спринтерска приказна. За неприкосновениот Болт, кој сеуште не ја   „обелоденува“ својата брзинска форма, ова е нова  закана и предизвик!

А, дека во американската атлетика, ветераните се и натаму  доминантните  имиња  на кусите патеки, потврда се и настапите  во Јуџин на 33 годишниот Дејвид Оливер победник на 110 метри со пречки, 32 –годишниот Бершон Џексон  лидер на 400 метри со пречки, сеуште конкурентниот ЛеШон Мерит во трките на 400 метри...Тешките американски квалификации за место во селекцијата за Пекинг ги пребродија 5 –мина атлетичари,кои ќе го бранат златниот победнички сјај од Москва пред две години. Тоа се ЛеШон Мерит на 400 метри,Дејвид Оливер на 110 метри со пречки,Ештон Итон во десетобој, Бријана Ролинс на 100 метри со пречки и Бритни Рис во скок во далечина.

Жешко и возбудливо атлетско лето!