Атлетика

Атлетика надвор од стадионите

07.07.2015 12:34

„Асфалтната“ атлетика засега егзистира во ограничени форми! Маратоните, полумаратоните, покусите улични трки одпоодамна станаа голема спортска атракција, која собира илјадници протагонисти-професионалци, но и безброј рекреативци, аматери, вљубеници во трчањето, почетници...

Вечно актуелна тема!Како атлетиката да ја зголеми популарноста, атрактивноста и интересот? Приоритет  и обврска за сите вклучени во организирањето и унапредувањето на овој спорт!Една од идеите која опстојува одпоодамна, но „срамежливо“ се реализира, е атлетиката да се обиде, што е можно повеќе да излезе надвор стадионите и да им се доближи на луѓето, особено на младата популација.

„Асфалтната“ атлетика засега егзистира во ограничени форми! Маратоните, полумаратоните, покусите улични трки одпоодамна станаа голема спортска атракција, која собира илјадници  протагонисти-професионалци, но и безброј рекреативци, аматери, вљубеници во трчањето, почетници. Најславните светски маратони се доведени во ситуација дури и да го лимитираат учеството на рекреативците. И присуството на Телевизијата го напправи своето, зголемувајќи ја рапидно популарноста на долгото трчање.

Другите форми на атлетска активност, малку потешко го освојуваат уличниот простор! Но,примери има! Еден сегмент од спектакуларниот митинг во Цирих се одржува во центарот на  градот, пред Главната железничка станица!Светската елита во фрлање ѓуле е магнет за илјадници граѓани,кои ја имаат привилегијата бесплатно да ја следат битката на славните асови! Манчестер, градот на фудбалот, во обидот да ја збогати културата на живеење е организатор на уличен спринт, на кој учествуваше и најбрзиот човек на Планетава, Јусеин Болт. Внимание привлекуваат и натпреварувањата во скок со стап.Голема атракција беа скоковите на Рено Лавилени на Трокадеро, во сенка на Ајфеловата кула, како дел од промоцијата на митингот во Париз.Идеата ја прифати и Баку, домаќинот на првите Европски спортски игри со атлетика надвор од стадионот.

Славниот Сергеј Бубка, потпретседател на ИААФ и кандидат за местото прв човек на светската атлетика, е приврзаник на ваквите иницијативи.

„Своевремено, кога ќе дојдев на стадион со празни трибини, кај мене паѓаше натпреварувачкиот мотив. На улиците, на плоштадите, крај шопинг-моловите секогаш има многу народ.Зошто тоа да не се искористи? Спортистите се и актери, кои сакаат да настапуваат пред публика. Гледалиштето делува мотивирачки, дава додатна енергија“-вели Сергеј Бубка.

Мал детаљ и од нашево многу сиромашно атлетско творештво.Во јуни минатата година на „Филип Втори Арената“, Скопје беше организатор на  Европското првенство во трките на десет илјади метри.Допатуваа  многу познати атлетски имиња, но гледачи на трибините немаше! Десетина дена пред тоа Скопскиот маратон се одржа со рекорден број на учесници, особено во категоријата на рекреативци и со завидна  бројка на  граѓани крај патеката!