Тренизните привршуваат, се ближи главното!

07.07.2015 15:58

„Не треба да калкулираме со другите натпревари. Ние треба да се грижиме за нашите и да одиме на победа, односно сами да ја решаваме судбината“, рече техничарот на македонската селекција Филип Деспотовски...

Со пеколно темпо и на пеколна температура, македонските одбојкарски репрезентативци ги одработуваат последните тренинзи пред гостувањето во Парну. Естонскиот град на брегот на Балтичкото море можеби и ќе го даде конечниот одговор во групата „А“ од Европската лига.

„Не треба да калкулираме со другите натпревари. Ние треба да се грижиме за нашите и да одиме на победа, односно сами да ја решаваме судбината“, рече техничарот на македонската селекција Филип Деспотовски.

Од првичниот список на селекторот Жарко Ристовски отпаднаа четворица. Ристо Николов се откажа, Марјан Урдов, Перо Стојчев и Зоран Ѓорчески се повредени. Тоа значи дека Маџунков и Клопчевски треба да му бидат потпора на искусниот Јосифов на позиција среден блокер. Сепак, и со сите проблеми на коишто се навикнаа, македонските одбојкарски репрезентативци на ги менуваат плановите – да играат полуфинале како и во ланскиот дебитантски настап.

„Доколку успееме да добиеме еден од двата натпревар со Естонците, ќе завршиме 90 проценти од работата“, убеден е коректорот Јовица Симовски.

Против Австрија и Данска имаме позитивен биланс, Израел го подмлади составот, па на  домашните мечеви би требало да нападнеме максимален успех. Полска, која е светски првак, е силна со секој тим. Затоа посакуваме решение во групата пред двете гостувања кај Полјаците на седми и на осми август. Желба е Европската лига за Македонија да продолжи и потоа, а сигурно е дека ќе тргне в петок од 20 часот, со пренос на Првиот канал на Македонската телевизија.