Одбојкарите сакаат подобро од лани

08.07.2015 16:02

Иако двата натпревара против Естонија во Парну можат да бидат решавачки за сегашниот настап во Европската лига, во македонскиот одбојкарски табор размислуваат за комплетната слика...

Третото место од минатата сезона поставува високи стандарди и за тековната. Иако двата натпревара против Естонија во Парну можат да бидат решавачки за сегашниот настап во Европската лига, во македонскиот одбојкарски табор размислуваат за комплетната слика.

„Ако минатата година влеговме на мала врата, сега од нас се очекува да настапиме силно и да го надградиме ланскиот пласман“ вели генералниот секретар на ОФМ Зоран Карановиќ.

Естонија в петок и сабота, потоа три викенда по ред дома со Израел, Данска и Австрија и на крајот пак две гостувања, но во Полска. Конкуренцијата е силна, но македонските одбојкари ги познаваат околностите.

„Без разлика што немавме контролни средби, ние ќе одиме во Естонија за да одиграме на највисоко ниво. Потоа дома планираме шест победи и со гостинските освоени поени се надеваме на полуфинале“ рече селекторот Жарко Ристовски.

Македонија досега нема натпревари со Естонија. Противникот работи постојано од 20-ти април, обезбеди пласман на Европското првенство и ќе ја има предноста на домашниот терен, но тоа не мора да значи многу.

„Тие нема да не потценат. Имаат подобри, попознати индивидуалци од нас, но лани имаше и Словенија, па ја победивме со 3-1“, оптимистички е расположен капитенот Никола Ѓорѓиев.

Преносот од одбојкарскиот натпревар Естонија-Македонија е в петок на Првиот канал на МТВ од 20 часот.