Атлетика

Елитна атлетика во Лозана

10.07.2015 14:04

Светската елита се натпреварува за почестите во примамливата Дијамантска лига, а со мислите е во Пекинг, каде што на крајот на август, сезоната ќе кулминира со светското првенство...

Возбудлива атлетска вечер понуди и атлетскиот митинг во Лозана. Светската елита се натпреварува за почестите во примамливата Дијамантска лига, а со мислите е во Пекинг, каде што на крајот на август, сезоната ќе кулминира со светското првенство.

Џастин Гетлин со несмалена брзина царува во спринтот. На тартанот во Лозана ја доби трката против Асафа Пауел и Тајсон Геј. Резултатот на Гетлин беше 9.75, Пауел и Геј имаа време од 9.92 секунди.Тоа беа тројцата, од во моментов најсилниот светски спринтерски квартет.И натаму недостасува „главниот“, Јусеин Болт кој се соочува со лекување на повредата и со кревање на формата.Денеска Болт потврди дека ќе го „осветли“ митингот во Лондон на 24 и 25 јули на Олимпискиот стадион.

Неполни два месеца по страшното натскокнување во Доха, трискокашите Кристијан Тејлор и Педро Пичардо одново беа во елемент. Американецот Тејлор во Лозана ја имаше главната улога. Прескокна 18 метри и 6 сантиметри, втор пат во кариерата прелетувајќи ја магичната граница од 18 метри. Кубанецот Пичардо „остана“ на 17.99, што е меѓу десетте најдолги скокови во историјата.

Кершон Волкот  потсети дека е олимписки шампион. Младиот атлетичар од Тринидад и Тобаго, сензационалниот победник од Игрите во Лондон во фрлање копје, победи  со извонредни  90 метри и 16 сантиметри.

Мо Фарах, најдоминантното светско име во трките на долги патеки, конечно излезе на стартот.На јавноста и се претстави со сигурна победа на пет илјади метри,  со за него скромен резултат од 13 минути и 11 секунди.

Низ резултатски самрак минаа неколкумина фаворити. Дејвид Рудуша, светскиот рекордер на 800 метри ја загуби трката со Најџел Амос од Боцвана.Моќниот Кениец ретко губи брзи трки каква што беше во Лозана, Амос одлично финишира постигнувајќи време од 1:43.27. Минува ли низ резултатска криза Рено Лавилени? По дебаклот на „Стад д, Франс“ мината недела, наследникот на Бубка, во Лозана заврши на третото место со прескокнати 5.76 метри. Победи Војчеховски од Полска со 5.84.Прв пат во сезонава е поразена и Хрватката Сандра Перковиќ. Водечката личност во фрлање диск, загуби од Кубанката Јаими Перез.До крајот на Дијамантската лига треба да се одржат уште пет митинга:

17 јули-Монако

24 и 25 јули-Лондон

30 јули Стокхолм

3 септември-Цирих

11 септември-Брисел