Убедлив пораз на одбојкарите во Естонија

10.07.2015 22:18

Едноставно, не фунционираше ништо, па чистиот пораз од Естонија од 3-0 беше реален епилог. Во Европска лига во којашто има силна конкуренција, мора многу подобро...

И покрај големите амбиции, македонските одбојкари не беа на нивото на дуелот во Парну. Едноставно, не фунционираше ништо, па чистиот пораз од Естонија од 3-0 беше реален епилог. Во Европска лига во којашто има силна конкуренција, мора многу подобро. Приемот беше очаен уште на почетокот, немавме блок, нападите беа неорганизирани. Не личевме на лани кога го освоивме третото место. Затоа поразот со 25-9, 25-19 и 25-18 е превисок само за оние што не беа во тек со настаните на пресметката со Естонија.

Противникот постојано го контролираше резултатот, отвори со 8-1 во првиот сет којшто беше за заборав. Идентично минавме и во вториот во таа фаза, иако тогаш стигнавме до негатива од 11-8. Но тоа беше се, па 19-те поени до крајот на тој дел од натпреварот беа само за надеж дека Македонија треба и може повеќе. Но, иако во третиот сет нашиот национален состав имаше предност од 8-6 на првиот технички тајм-аут, сепак, и тоа не беше доволно, Естонците лесно влегуваа во серија лесни поени, и од негатива од 9-7 направија серија од 5-0, поведоа со 12-9 и ја решија работата.

Со Естонија ќе играме и в сабота, а потоа пред нас се шест меча на домашен терен, во арената „Борис Трајковски“. Најпрво со Израел, а потоа со Данска и со Австрија. Со шест победи дома, а со оглед дека Естонија наредниот викенд ќе игра со Полска, ние ќе добиеме шанси да ја промениме состојбата на табелата. Сепак, ова е само почеток на долгото одбојкарско лето.