Одбојка - Европска лига 2015

Подобра игра, па потоа фактор среќа

13.07.2015 15:14

Со 18 бода и со победи од 3-0 и 3-1 над Израел, Данска и Австрија, Македонија може да се надева на првите две позиции во групата...

Поразите во Естонија без ниту еден освоен бод ја ставаат македонската одбојкарска репрезентација во позиција уште отсега да прави калкулации за конечниот пласман преку другите натпревари во групата од Европската лига. Се разбира дека клучно е да се одигра на повисоко ниво и на претстојните шест средби на домашен терен да се оствари максимален биланс. Тоа значи дека не е дозволено да се загубат два сета во еден меч. Со 18 бода и со победи од 3-0 и 3-1 над Израел, Данска и Австрија, Македонија може да се надева на првите две позиции во групата, а со тоа и на повторување на ланскиот успех, кога нашиот национален состав беше полуфиналист во дебитанскиот настап во престижната конкуренција.

Естонците беа пресилни за нас во Парну, а според првичните очекувања тие и Полјаците треба да се наши главни ривали во трката за посакуван пласман. Но засега на ниво се и Австријците, кои на гостувањето во Полска двапати загубија, но освојуваа по два сета и заработија два бода. Во случај пресметките со комбинираниот состав на Полска да се мерило за нивната сила, може да се очекува дека ќе имаат шанса на двомечот со Естонија, којшто ќе го играат на домашен терен на 25-ти и на 26-ти јули. Дотогаш Македонија ќе ги пречека Израел и Данска, а со оглед на фактот дека за пет дена Естонија ќе се сретне со Полска, ете шанса по шест натпревари табелата да биде променета во наша полза.

Но основното е да се почне од сопствениот двор. Со многу поквалитетна игра отколку во Парну да се соберат бодовите на коишто имаме директно влијание. Потоа може да се бара поткрепа во факторот среќа.