Прилеп подготвен за „Пиво фест“

15.07.2015 11:50

На 4-те фестивалски вечери се очекуваат над 350 илјади гости од земјава и од Балканот...

Прилеп е подготвен за одржувањето на 13-от фестивал „Пиво фест“ што почнува утре. На 4-те фестивалски вечери се очекуваат над 350 илјади гости од земјава и од Балканот. Локалните власти гарантираат максимална безбедност и одлична забава, а на гостите, на располагање им се околу 20 илјади паркинг места. На „Пиво фест“ ќе може да се дегустираат преку 40 видови пиво, а се очекува и рекорд во изедена скара.

На 20 илјади метри квадратни ќе бидат поставени 30-тина штандови. Хотелските капацитети и приватното сместување се речиси исполнети, а место се бара и во околните градови.

За да се обезбеди подобра услуга, ќе биде продолжено и работното време на сите трговски и угостителски објекти во градот. За сите што сакаат да присуствуваат на „Пиво фест“, Македонски железници нуди бесплатен превоз.