Најмалку петмина македонски борачи на С П во Лас Вегас

15.07.2015 13:20

Федерацијата прави притисок да добие уште едно место и тоа за Дејан Богданов кој би се натпреварувал во категорија 96 килограми, а во грчко римски стил наш претставник ќе биде Тимур Хамикоев...

Настапот во Баку е минато, а наскоро следува најзначајниот натпревар за македонското борење годинава, СП во Лас Вегас што ќе се одржи од 7 до 13 септември. До него не делат неполни два месеца, а тоа ќе биде прв филтер за обезбедување на олимписка норма во Рио во поедини категории. Досега Македонија има сигурни 4 учесници во слободен, и еден во грчко римски стил. До 61 килограм ќе настапи Јасин Реџелари, до 68 Дејан Митров, до 86 Халил Зубаиров и до 125 кг Бобан Данов. Федерацијата прави притисок да добие уште едно место и тоа за Дејан Богданов кој би се натпреварувал во категорија 96 килограми, а во грчко римски стил наш претставник ќе биде Тимур Хамикоев. Подготовтките главно ќе се одвиваат во Бугарија, а постои можност завршните седум дена да се организираат во Лас Вегас, со цел за што подобра адаптација на тамошните услови.

Претседателот на федерацијата Чедо Николовски ги образложи причините за суспензија на еден од селекторите Љубиша Пешко, кој на Европските игри бил пријавен и од Македонскиот, и од Српскиот олимписки комитет, и со својот однос му нанел голема штета на угледот на федерацијата. Особено откако му била дадена шанса да избере само една од акредитациите, тој се откажал од македонската и поради неговиот неодговорен однос е суспендиран од дисциплинската комисија, се до конечната одлука на Управниот одбор.