Одбојка

Франција сензационална, Италија добитна

16.07.2015 11:04

Почетокот на 26-то завршно издание од Светската лига во одбојка во Рио е најава за максимално возбудлив турнир на шесте светски одбојкарски велесили...

Амбиент, раскошна одбојка, неочекувани резултати! Почетокот на 26-то завршно издание од Светската лига во одбојка во Рио е најава за максимално возбудлив турнир на шесте светски одбојкарски велесили.

Првата сензација ја направи Франција. „Триколорите“ со 3:1 ги совладаа фаворизираните Бразилци, создавајќи хаос во „И“ групата во која е и бранителот на титулата, репрезентацијата на САД. Бразил го доби првиот сет и во тој момент веројатно никој од 10-те илјади „воспалени“ гледачи  не помислуваше дека натпреварувачкото тркало ќе се заврти наопаку.Но, францускиот состав предводен од Нгапет, Рузие и Ле Ру го прифати предизвикот и направи тоа да биде фантастична одбојкарска претстава во која излезе како главен актер. Победата на Французите тешко можеше да се предвиди, но не е  случајна, ако се знае дека на претходните 12 мечеви оваа година во Светската лига, извојуваа исто толку победи. Кариоките, со „врелите костени“ во рацете денеска влегуваат во натпреварот да се биде или не, против силната селекција на САД.Само со победа домаќинот ќе ги оживее надежите за пласман во полуфиналето.

Драматичен меч одиграа и Италија и Србија на стартот од „Ј“ групата со малку очекуван епилог. Италијанците со 3:2 го добија одбојкарскиот маратон, обезбедувајќи одлична стартна позиција. Резултатот е неочекуван за познавачите на одбојката од причина,  што италијанскиот селектор Беруто непосредно пред почетокот на турнирот поради недисциплина отстрани четворица свои одбојкари, меѓу кои и „клучните“, плејмејкерот Травица и коректорот Зајцев.Така, Србија важеше за  голем фаворит, но прогнозите останаа само на хартија..Во петтиот сет со осум поени освоени едноподруго, „Аѕурите“ го добија тешкиот,исцрпувачки двобој.И следната епизода од оваа група е многу привлечна, денеска на сцена излегуваат светските шампиони, одбојкарите на Полска против мотивираните Италијанци.

Натпреварите од Светската лига се играат во „Мараканазињо“ арената во Рио, во која следната година ќе се игра олимпискиот одбојкарски турнир.Годинешниов награден фонд во Светската лига ја надминува сумата од 7 милиони американски долари.

Светска лига 1 коло: резултати

„И“ група

Франција-Бразил 3:1

„Ј“ група

Италија-Србија   3:2

Денеска:2 коло

19.00 Бразил-САД

21.00 Италија-Полска