Одбојка - Европска лига 2015

Силен победнички императив против Израел

16.07.2015 15:56

„Се работи за силен противник. Во својот состав Израелците го имаат Шафранович кој направи трансфер во Полска, а тоа доволно зборува за неговиот квалитет“, рече селекторот Жарко Ристовски...

Двата пораза во Естонија не ја менуваат конечната цел. А за да можат да се надеваат на полуфинале во Европската лига, македонските одбојкари треба да освојат максимални 18 бода во Скопје. Тоа значи две победи викендов против Израел, без загубени два сета во еден натпревар.

„Се работи за силен противник. Во својот состав Израелците го имаат Шафранович кој направи трансфер во Полска, а тоа доволно зборува за неговиот квалитет“, рече селекторот Жарко Ристовски.

Со Израелците игравме во Штип на пријателски турнир пред три години. Загубивме, а во споредба со тој состав кај противникот има мали промени. Тоа посочува дека задачата не е лесна, иако ривалот доби само еден од досегашните четири натпревари во годинашната Европска лига. Двапати претрпе пораз од Австрија, а еднаш ја совлада Данска во двете соочувања.

„Ни претстојат шест финалиња. Отсега секој натпревар за нас е финале. Наша цел е да играме на завршниот турнир, затоа тренираме, тоа го сакаме и за тоа ќе играме сега и следните викенди“, потенцираше капитенот Никола Ѓорѓиев.

Македонската селекција го брани ланското трето место во престижното натпреварување коешто е најголем успех на нашата репрезентативна одбојка. Подобрата игра на вториот дуел со Естонците влева надеж дека националниот состав може многу повеќе.

„Билетите за натпреварите против Израел се со популарна цена од 100 денари. Затоа ги молиме сите љубители на одбојката кај нас да дојдат во сала и да не поддржат“, апелираше генералниот секретар на ОФМ Зоран Карановиќ.

Ако не сте во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, бидете на Првиот канал на Македонската телевизија. Преносите се в сабота од 20 и 15 и в недела од 17 часот  и 30 минути.