Без право на грешка!

18.07.2015 10:09

Без оглед што Израелците досега победија само на еден од четирите натпревари во групата, задачата нема да биде лесна. Особено што имаме негативен меѓусебен биланс, а товарот од победничкиот императив е на страна на македонската репрезентација...

Полуфиналето од ланскиот дебитантски настап е достижно и покрај воведните порази од Естонија минатиот викенд. Ништо не е загубено за македонските одбојкари во Европската лига, но денеска и утре против Израел во скопје потребни се шест бода. Со други зборови две победи од 3-0 или 3-1.

„Ние се сметаме за фаворити против Израелците, но доколку не одиграме подобро отколку во Естонија, не можеме да се надеваме на добар резултат. За мене Израел е втор според квалитетот од селекциите што ќе ни гостуваат. Прва е Австрија, па Израел, па Данска“, вели нашиот среден блокер Ѓоко Јосифов.

Без оглед што Израелците досега победија само на еден од четирите натпревари во групата, задачата нема да биде лесна. Особено што имаме негативен меѓусебен биланс, а товарот од победничкиот императив е на страна на македонската репрезентација.

„Пред три години во Штип исто така тие требаше да бидат наш полесен ривал на пријателскиот турнир, но не „испеглаа“ со 3-0. Затоа не смееме да ги потцениме, тие не се слаба репрезентација“, предупредува капитенот Никола Ѓорѓиев.

По дуелите со Израел, Македонија ќе одигра уште четири натпревари во арената „Борис Трајковски“. Ќе ни гостуваат и Данска и Австрија, а потоа ќе одиме во Полска. Во Скопје се потребни максимални 18 бода за да се надеваме на пласман на завршниот турир. Затоа поддршката ќе им биде добредојдена на македонските одбојкари. Но ако не сте во арената, пред вас е и опцијата пренос. Денешниот е од 20 и 15, утрешниот против Израелците од 17 и 30, на Првиот канал на Македонската телевизија.