Одбојкарите заслужуваат повеќе

Повеќе симпатии, поголема поддршка, поискрен однос

20.07.2015 15:51

Математиката е компликувана. Уште по двата дуела со Данска наредниот викенд македонскиот тим може да дојде до посакуваното второ место...

Полесно се дише со две победи без загубен сет и од четвратата позиција на табелата. Македонските одбојкари го архивираа Израел во Европската лига. Шесте бода не гарантираат ништо, но се првиот од трите потребни чекори на домашен терен. Нашиот национален состав во Скопје мора да победува за да ги задржи шансите за пласман на завршниот турнир. Ако не играме на него, ќе се вратиме назад во споредба со ланската сезона, кога иако го носевме епитетот дебитант, стигнавме до полуфиналето.

Математиката е компликувана. Уште по двата дуела со Данска наредниот викенд македонскиот тим може да дојде до посакуваното второ место. Потоа против Австрија треба да ја одбраниме евентуалната позитивата од два бода во однос на Полска која ќе ни биде домаќин на завршните два меча во групната фаза. Токму тој податок дека Полјаците ќе го организираат завршниот турнир нам може да ни помогне.

Сепак, најголемата задача е за македонските одбојкари кои треба да го креваат нивото на игра од натпревар во натпревар, од противник до противник. Против Израел викендов делувавме подобро, имавме подобар сервис, подобар прием, поддобра организација и комуникација во играта. И тоа даде резултат. Четирите одиграни натпревари овозможија тимот да стане покомпактен, а во таа функција би требало да бидат и пресметките со Данска нареднот викенд. Според сите показатели, Данците се на ниво на Израелците, но опуштањето ќе биде силен противник за нас. Сепак, Македонија работи за крајната цел, а преку неа се доаѓа со резултати против селекциите што се аутсајдер во соочувањата со нас, но и преку постојано унапредување на играта на црвено-жолтите. Тие повторно со многу проблеми го одат европскиот пат. Сега имаат авион, немаат клима во националната арена „Борис Трајковски“. Зарем не заслужуваат повеќе симпатии, поголема поддршка, поискрен однос? Заслужуваат! Од сите!