МКФ го разреши Александар Џикиќ, Македонија со нов селектор на ЕП

Марјан Србиновски шеф, Заре Марковски ќе му помага на клупата!

22.07.2015 16:53

Марјан Србиновски, со помош и со поддршка од клупата од Заре Марковски. На Европското Првенство во септември, Македонија ќе има нов селектор. Бргу згасна „љубовта“ меѓу новите челници на Македонската Кошаркарска Федерација и Србинот Александар Џикиќ...

На месец и половина пред Евробаскетот, земјотрес во македонската кошарка. МКФ го разреши селекторот на „А“ репрезентацијата Александар Џикиќ, само три дена пред почетокот на подготовките за континенталниот собир. Се очекува федерацијата официјално да соопшти дека наследник ќе му биде Марјан Србиновски, којшто би функционирал заедно со спортскиот директор Заре Марковски.

Марјан Србиновски, со помош и со поддршка од клупата од Заре Марковски. На Европското Првенство во септември, Македонија ќе има нов селектор. Бргу згасна „љубовта“ меѓу новите челници на Македонската Кошаркарска Федерација и Србинот Александар Џикиќ, иако пред два месеца, веднаш по смената на врвот на МКФ, двете страни се изјаснија дека постои расположение за продолжување на соработката.

Затоа, вистински шок предизвика Федерацијата разрешувајќи го Џикиќ непосредно пред стартот на подготовките за Еврошампионатот. Без официјални изјави на нејзините функционери, со соопштение од само една реченица, МКФ денеска објави дека Комитетот за итност со телефонско одобрение од Управниот Одбор го разрешил селекторот поради нарушена соработка и недоверба во органите на федерацијата.

Назначен на крајот на 2013 како наследник на Алеш Пипан, тренерот на словенечка Крка, Џикиќ, беше избор на претходното раководство на МКФ. Минатото лето тој ги освои симпатиите на кошаркарската јавност успевајќи преку квалификациите да ја однесе Македонија на Евробаскетот со драстично подмладен тим, без ѕвездите коишто претходно беа лидери на паркетот.

Можеби очекувајќи дека Србинот нема да сака да остане селектор по заминувањето на Даниел Димевски и на Илија Мерџановски, новото раководство на МКФ на чело со Петар Наумоски првично не беше категорично дека ќе го задржи на функцијата. Сепак, по состанокот на спортскиот директор Заре Марковски со Џикиќ во Белград, потоа објави дека соработката продолжува.

Иако најновиот тек на настаните е изненадувачки, фактот што покрај Марјан Србиновски во стручниот дел од работата активно ќе учествува и Заре Марковски, којшто беше селектор на Македонија на ЕП во 1999, би требало да значи дека денешниот потрес не би требало да има подолготрајни последици врз амбиентот околу националниот тим. Подготовките почнуваат в сабота.