Македонските одбојкари пред нов двомеч во Европската лига 2015

Ниту Данците не треба да бидат закана

25.07.2015 15:44

Полуфиналето во Европската лига е достижна дестинација, но само со максимални бодови пред своја публика...

Откако загубија на воведните гостувања во Естонија, македонските одбојкари двапати го совладаа Израел, а и овој викенд имаат идентични планови во соочувањето со Данска во арената „Борис Трајковски“. Полуфиналето во Европската лига е достижна дестинација, но само со максимални бодови пред своја публика.

„Не верувам дека Данска може да биде поголем проблем од Израел. Според некои наши анализи, сега би требало да биде полесно“ вели Филип Деспотовски, кој е 12-ти техничар во Европската лига сезонава. Македонија е четврта во групата „А“, но доколку се биде според планираното, уште по дуелите со Данците, Македонија може да се пробие на второто место затоа што во другиот двомеч Австрија ќе ја пречека Естонија.

„Сепак и по овој викенд треба да ја победиме Австрија двапати и да ја исфрлиме од трката за втората позиција затоа што според досегшните резултати и Австријците можат да се замешаат во калулациите“ предупредува Деспотовски.

Селекцијата на Жарко Ристовки ја подобри играта. Условите во националната арена ќе бидат подобри, противникот лани го победивме двапати, но на првиот дуел загубивме два сета, а тоа сега е луксуз којшто не смееме да го дозволиме.

„Би можеле да не изненадат со таа нивна здодевна игра. Тие не грешат, не ризикуваат и ние би требало сами да ги заработуваме поените. Но досега сме покажале дека сме добри во тоа“ рече Деспотовски.

Преносите од натпреварите Македонија – Данска ќе бидат на Првиот канал на МТВ, денеска од 20 и 15, утре од 17 часот и 30 минути.