Одбојка - Европска лига 2015

Македонија победи, сонот живее

07.08.2015 20:04

Преку Калиш, македонските одбојкари останаа на пат кон Валбжих. Полјаците најавија дека ќе грешат уште на почетокот кога нашата репрезентација поведе со 7-1...

Издржавме психолошки, бевме храбри, подаривме сет со две топки за да го освоиме, но успеавме. Преку Калиш, македонските одбојкари останаа на пат кон Валбжих. Полјаците најавија дека ќе грешат уште на почетокот кога нашата репрезентација поведе со 7-1. Уште тогаш стана јасно дека Македонија може да слави против „Бе“ составот на светскиот владетел.

Откако  го освоивме првиот сет со 26-24, домаќинот се врати во вториот со 25-22, а во третиот направивме кикс којшто можеше да го платиме прескапо. На 24-22 дозволивме противникот да освои четири поени по ред и да дојде до предност од 2-1. Оттогаш немавме право на грешка, товарот беше преголем, но издржавме. Капитенот Никола Ѓорѓиев му помогна на Симовски во нападот, Јосифов го зајакна блокот, Полјаците цело време сервираа лошо, а во четвртиот сет преку овој елемент ни дозволија седум  поени и коцката се сврти. Кога израмнивме на 2-2 со 25-20, во петтииот сет Полска не можеше да се искоригира, имаше лош прием, а Македонија го затврои сетот со 15-12.

Шестата победа во Европската лига не менува ништо во завршната математика. Македонија мора да победи и утре ако сака настап на завршниот турнир. Згора на тоа, Грција треба двапати да загуби кај Словенија претстојниов викенд. И уште нешто, во таа трка ние сакаме да имаме повеќе бодови од Грците или подобар сет количник. Постојат многу критериуми, но според се досега, постои реална можност Македонија повторно да биде полуфиналист, исто како и лани.