Почнува филмскиот фестивал во Венеција

02.09.2015 15:41

На фестивалот денеска се очекува и премиера на првиот долгометражен филм на стриминг сервисот Нетфликс – Beasts of No Nations...

Филмскиот фестивал во Венеција почнува денеска со светска премиера на 3Д драмата „Еверест“, вредна 65 милиони долари и работена според вистински случувања – катастрофа на Хималаите. 

Во двочасовното остварување на режисерот Балтасар Кормакура во фокусот се случувања од мај 1996 година кога осуммина планинари ги загубија животите во меќава во близина на планинскиот врв.

На фестивалот денеска се очекува и премиера на првиот долгометражен филм на стриминг сервисот Нетфликс – Beasts of No Nations. Драмата за деца-војници во Африка во режија на Карки Фуканага е едно од 21 остварување кои се натпреваруваат за главната награда на фестивалот – Златен лав.

Голем интерес предизвикува и The Danish Girl, најново остварување на Том Хупер, каде оскаровецот Еди Редмејн го игра данскиот уметник кој бил еден од првите луѓе врз кои беше извршена операција за промена на полот.