Мозочниот удар поверојатен ако работите прекувремено

14.09.2015 13:50

Заклучокот објавен во „Лансет“ укажува дека ризикот од мозочен удар се зголемува кај луѓето кои работат подолго од стандардните „од девет до пет“...

Поголема е веројатноста дека мозочниот удар ќе ги погоди луѓето кои работат прекувремено, објавија британски научници откако анализирале податоци на повеќе од половина милион лица.
 
Заклучокот објавен во „Лансет“ укажува дека ризикот од мозочен удар се зголемува кај луѓето кои работат подолго од стандардните „од девет до пет“.
 
Експерти велат дека работниците со прекувремени часови мора почесто да го контролираат крвниот притисок.
 
Работната недела обично трае од 35 до 40 часа. Луѓето кои работат 48 часа неделно имаат десет отсто поголем ризик за мозочен удар. На оние кои работат 54 часа ризикот им е на пример 27 отсто поголем.
 
Др. Мика Кивимаки од лондонскиот универзитет вели дека поврзаноста меѓу прекувремената работа и мозочниот удар не е целосно утврдена.
 
Претпоставките одат од тоа дека дополнителната работа носи и дополнителен стрес, а ако се работи во канцеларија, и дополнителните часови седење се лоши по здравјето.