Галакси Гиар - паметен часовник од Самсунг

20.08.2013 14:20

Самсунг на 4. септември во Берлин ќе го претстави новиот производ, паметен часовник под името Галакси Гиар

Самсунг на 4. септември во Берлин ќе го претстави новиот производ, паметен часовник под името Галакси Гиар.
 
Јужнокорејскиот електронски гигант најавува дека новиот производ ќе го промени начинот на кој ги доживуваме не само рачните часовници, туку и сите останати преносни уреди. Тоа ќе претставува уште едно одмерување на силите, со сосем нова технологија, со компанијата „Епл“, наведува „Дејли телеграф“. 
 
„Сони“ веќе претстави „паметен рачен часовник“, но од Самсунг нагласуваат дека Галакси Гиар значително ќе ги зголеми можностите на рачните часовници. 
 
Галакси Гиар ќе овозможува телефонирање, сурфање на интернет и пристап до електронска пошта, а сето тоа на екран прилагоден на формата на раката, наведува порталот „Блумберг“. 
 
Според ИТ експертот Крис Џонс пазарот на рачни часовници во текот на идната година ќе забележи неверојатен успех, со потенцијални пет милиони продадени примероци низ целиот свет.