Вицепрвакот на тест во Кавадарци

13.10.2015 14:27

Фени индустри и Куманово денеска ќе го заокружат првото коло во кошаркарскиот шампионат на Македонија (пренос на МРТ Собраниски од 20 часот)...

Куманово повторно има високи амбиции, Фени е секогаш непријатен противник, особено на домашен терен. Затоа во салата „Јасмин“ во Кавадарци  очекуваме добра претстава за точка на првото коло во новата кошаркарска сезона кај нас. Во претходната кумановската екипа стигна до финалето, па дружината на Костовски, Луковиќ, Дивајн, Мандиќ... повторно поставува високи цели. Но, кавадарчани лани му ставаа рампи и на актуелниот првак МЗТ Скопје!

Затоа тешко е да се поверува дека некој може со леснотија да го скрши составот со неколку нови имиња во него. Кирил Николовски го облече дресот на Фени во чијшто рекет ќе дејствува и Тубак. Поранешните играчи на Кожув, Пековиќ и Ивеља би требало да бидат значајни засилувања, исто како и Враговиќ. Искуството на Самарџиев на надворешната позиција е оптимистички податок за создавање компактен тим.

Затоа без оглед што ова е само вовед, во денешниот дуел актери ќе бидат екипи коишто се во првата шестка. А тоа значи екипи коишто би требало да настапат во разигрувањето од сезоната.

По одигрувањето на 28 кола, во евентуалното четвртфинале до три победи, ќе важат и постигнатите резултати од меѓусебните пресметки во основниот дел.

Во претпоставена ситуација, дури и поради натпреварувачкиот систем, соочувањето меѓу Фени и Куманово може да има специфична тежина.