Шах

Шаховскиот крем во Скопје

14.10.2015 15:39

По 2009-тата, најдобрите клубови на континентот, од 17-ти до 25-ти овој месец, ќе се натпреваруваат во Купот на европските шампиони. Ќе настапат 50 екипи во машка и 12 во женска конкуренција, а домаќинот Македонија ќе ја претставуваат Алкалоид и Карпош кај посилниот пол и Гамбит Асеко со тимови во двете конкуренции.

Скопје деновиве повторно ќе биде шаховски центар. По 2009-тата, најдобрите клубови на континентот, од 17-ти до 25-ти овој месец, ќе се натпреваруваат во Купот на европските шампиони. Ќе настапат 50 екипи во машка и 12 во женска конкуренција, а домаќинот Македонија ќе ја претставуваат Алкалоид и Карпош кај посилниот пол и Гамбит Асеко со тимови во двете конкуренции.

„За да биде приказната уште поинтересна, ние ќе имаме шанси да се бориме за првото место затоа што Алкалоид е треторангиран кај мажите, а Гамбит Асеко е второрангиран кај жените. Ќе бидат одиграни седум кола по швајцарски систем, што значи дека најдобрите од секое коло ќе се сретнат меѓу себе“, вели претседателот на Шаховската федерација на Македонија Благоја Богоевски.

Во неделата на шахот во хотелот „Александар Палас“, Македонија ќе биде домаќин на шахисти од 46 земји, некои од нив ќе бидат силни адути за успех на нашите репрезенти.

„Женската екипа на Гамбит Асеко е составена од пет интернационалки коишто се надеваме дека ќе можат да конкурираат за шампионскиот престол“, оптимист е Марјан Митков во улога на секретар на Шаховскиот клуб „Гамбит Асеко“ .

Свеченото отворање на турнирот е в сабота, а првите потези ќе бидат повлечени ден потоа.