Шах – европски клупски куп „Скопје 2015“

Почна „битката на умовите“

17.10.2015 20:04

„Во периодот што следи, многумина актуелни и поранешни европски и светски прваци ќе се надмудруваат во древната игра“, истакна Премиерот на Република Македонија, Никола Груевски, на церемонијата на свеченото отворање на турнирот...

Под мотото „битка на умовите“, Скопје ја собра шаховската елита во Европа. Во наредните седум дена, во нашиот главен град, најдобрите екипи на континентот ќе се бодат за титулата на Европскиот клупски куп 2015-та.

„Во периодот што следи, многумина актуелни и поранешни европски и светски прваци ќе се надмудруваат во древната игра“, истакна Премиерот на Република Македонија, Никола Груевски, на церемонијата на свеченото отворање на турнирот.

Од шаховската Олимпијада  во 1972-та, Македонија организираше неколку големи шаховски настани, а вторпат ќе биде домаќин на Европскиот клупски куп во екипна конкуренција.

„Сакам да исктакнам голема благодарност до Шаховската федерација на Македонија којашто има амбициозни проекти. Лично посакувам на затворањето на турнирот да видиме среќни лица на шахистите, на судиите, на спонзорите. Сакам да видам подготвеност тие повторно да сакаат да се вратат во Скопје и во Македонија“, реше претседателот на Европската шаховска федерација Зураб Азмаипарашвили.

На турнириот ќе настапат вкупно 62 екипи, меѓу 50-те во машка конкуренција македонскиот шах ќе го претставуваат Алкалоид, Карпош и клубот Гамбит Асеко којшто ќе има тим и во друштвото на дамите.

„Посакувам интересен турнир, многу жешки партии и нека победи најдобриот“, истакна градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски.