Прв гостински триумф на МЗТ Скопје

Победа во Никшиќ над Сутјеска

18.10.2015 21:18

Во Никшиќ, македонскиот првак славеше над Сутјеска со 77-68...

Кошаркарите на МЗТ Скопје ја забележаа третата победа во шестиот натпревар во Јадранската лига сезонава, прва на гостински терен. Во Никшиќ, македонскиот првак славеше над Сутјеска со 77-68.

Иако играше без повредените Симоновски, Протиќ и Синадиновиќ, МЗТ Скопје остана непоразен на третиот гостински настап во АБА друштвото. Подобриот шут за тројка, и многуте грешки на противникот му овозможија на македонскиот првак да има контрола на резултатот во целиот тек на мечот во „Спортски центар“ во Никшиќ. Беше нерешено по првиот период, МЗТ замина на одмор со предност од седум коша, 39-32, а во 23-тата минута се одлепи на десет коша. Сепак, Сутјеска се врати со серија од 6-0 и се приближи и на два негатива, но остана без можност да ја забележи третата победа во шестиот настап во дебитантската сезона во Јадранската конкуренција.

Мијатовиќ со 18 поени придонесе за половичен ефект на МЗТ досега. Крилниот центар имаше извонреден шут од поле, 5 од 7 за два поена и 2 од 2 за тројка. Стојановски заврши со 15 коша, а двоцифрен ефект имаа и Љубичиќ и Луковиќ со по 10. Дреновац изброја девет, иако првиот го постигна на средина на третиот период, а Буниќ постигна осум. Кај црногорскиот тим најпрецизен беше Спасојевиќ со 16 поени, а тројца играчи запишаа по десет: Павлиќевиќ, Чаласан и Шалиќ.

Наредниот натпревар МЗТ Скопје ќе го игра дома против Цибона на 25-ти овој месец.