Прва кошаркарска лига, 2.коло

Куманово против МЗТ, време е за дерби

21.10.2015 15:04

Иако сезоната е во почетна фаза, ланските финалисти во првенството, третпат ќе играат меѓу себе. Ако се повторат претходните два дуела, резултатот повторно треба да биде тесен...

Куманово вечер ќе го пречека МЗТ Скопје во дербито на второто коло во Првата кпшаркарска лига на Македонија (пренос МРТ Собраниски од 20 часот).

Иако сезоната е во почетна фаза, ланските финалисти во првенството, третпат ќе играат меѓу себе. Ако се повторат претходните два дуела, резултатот повторно треба да биде тесен, а со тоа натпреварот интересен. Шампионот МЗТ Скопје ги доби двете досегашни битки, во Кавадарци на пријателски турнир и поважната во полуфиналето на Суперкупот во Охрид, па со зголемена самодоверба ќе истрча пред бучната кумановска публика. Аеродромци ќе играат и на крилјата на првата гостинска победа над Сутјеска во Јадранската лига сезонава со којашто македонскиот претставник стигна до половичен биланс по шест одиграни меча.

Од друга страна, пак, Куманово треба да го надополни почетниот убедлив пораз во првенството на гостувањето кај Фени. Тренерот Љубисав Луковиќ се уште ја бара вистинската форма на тимот којшто од наредната среда ќе ја претсавува Македонија во ФИБА Еврокупот. Мала предност за кумановци може да донесе фактот што Алеш Пипан  се уште не може да се потпре на сите сили во составот. Симоновски и Протиќ се повредени, а тоа е хендикеп, иако МЗТ во Никшиќ пред три дена покажа дека не мора да биде пресуден.

Инспирација секако нема да недостасува. Организаторот на Куманово Костовски ќе бие битка со надворешната линија на МЗТ во којашто е неговиот репрезентативен колега Дамјан Стојановски. Во рекетот ќе се судрат браќата Урош и Марко Луковиќ. Со една реченица, пред нас е вистинско дерби!