Почина Ранко Жеравица

29.10.2015 14:37

За него велат дека бил ако не единствениот или првиот што ги споил најдоброто од руската и од американската кошарка, тогаш сигурно најуспешниот во намерата на светот да му презентира нов стил на игра...

Творецот на модерната југословенска кошарка, замина во легендите. Ранко Жеравица почина на 86 годишна возраст, утринава во Мадрид. Остави белег на ЈУ-просторите, но и во севкупниот кошаркарски менталитет на стариот континент.

Ја предводи бившата држава до првото големо одличје, светското злато 1970-та на домашен терен, се искачи на кошаркарскиот олимп 1980-та во Москва, нанижа и уште неколку сребрени и бронзени медали од големите турнири.

Ги предводи Партизан и Звезда, тој е првиот странец на клупата на современата кошаркарска секција на Барселона, има уште неколку епизоди на клупите на други европски екипи и како дел од стручниот штаб на клупата на селекцијата на Аргентина.

За него велат дека бил ако не единствениот или првиот што ги споил најдоброто од руската и од американската кошарка, тогаш сигурно најуспешниот во намерата на светот да му презентира нов стил на игра, на кој што се темелат бројните успеси на играчите, тренерите и екипите од нашиот регион.

Велат дека Жеравица ги открил Далипагиќ и Кичановиќ, Сканси и Чосиќ. Роден 1929-та, од 1967-та до 2003-та на е еден од најмаркантните европски тренери, 2007-та примен во Куќата на славните на ФИБА.