Три средби во НБА понудата, сите на линијата на возбудата

30.10.2015 15:58

На фронталната линија беа Де Андре Џордан и Дирк Новицки, кои што неколку пати директно се пресметаа, за среќа само кошаркарски. Првиот имаше 15 скокови со 4 блокади, летоска беше поврзуван со трејд во екипата на Маверикс...

Клиперс ја забележаа и втората победа во новиот шампионат, со убедлив перформанс против Далас, 104:88. На фронталната линија беа Де Андре Џордан и Дирк Новицки, кои што неколку пати директно се пресметаа, за среќа само кошаркарски. Првиот имаше 15 скокови со 4 блокади, летоска беше поврзуван со трејд во екипата на Маверикс. Вториот беше на удар на несудениот соиграч, а по мечот призна дека во моментов неговата екипа не и е дорасната на противничката. Клиперс ги предводеше Грифин со 26 поени и со 10 скокови, а Маверикс Џон Џенкинс со 17 поени и со 6 скокови.

Гризлис со 39 поени во последната четвртина, ги засенија трите претходни во кои што главниот збор го имаа Пејсерс и на крајот се радуваа со 103:112. Марк Гасол беше предводникот на гостите, со 20 поени и со 8 скокови. Конли помогна со дабл-дабл од 13 поени и 10 асистенции. Кај Индијана, Џорџ Хил регистрира 20 поени.

Атланта го врати победничкиот сјај, со триумфот во Медисон Сквер Гарден, кај Никс. Во победата 101:112, Џеф Тиг имаше учинок 23 поени со 8 асистенции, Ал Хорфорд 21 поен со 9 скокови и 3 блокади, а кај домаќините Кармело Ентони се истакна со 25 поени, 7 скокови, 3 украдени топки и исто толку додавања.