Лекцијата не е научена, пораз по ист рецепт и во Ново Место

31.10.2015 21:07

Во многу нешта, овој загубен меч наликуваше на оние кај Мега и Партизан, па сега може слободно да се прашаат себе си што ќе беше ако од тие три средби извлечеа три победи. Водеа со 8 на полувремето, третиот период го загубија со 24:12, во последниот играа егал...

72:68 за Крка. Се што изградија во првите 20 минути, урнаа за само 5 во третиот период, кошаркарите на МЗТ Скопје. Во многу нешта, овој загубен меч наликуваше на оние кај Мега и Партизан, па сега може слободно да се прашаат себе си што ќе беше ако од тие три средби извлечеа три победи. Водеа со 8 на полувремето, третиот период го загубија со 24:12, во последниот играа егал.

Аеродромци се со скор 4/4, исто толку има и словенечкиот вицешампион по оваа тешко извојувана, но сосема заслужена победа. Лалиќ беше посебна димензија, постигна 20 поени за победникот. Го следеа Катниќ и Иванов со по 12 поени. Најдобар скокач кај домаќините беше екс-металецот Синовец, кој што имаше 6 скокови и скромни 8 поени, но сите постигнати од линијата за слободни фрлања и скоро сите во клучните моменти од мечот.

Кај нашите, Мијатовиќ кој што се разбуди во второто полувреме постигна 16 поени, но тој не беше доволен за четврта победа во низа за МЗТ Скопје. Двоцифрен беше уште Луковиќ, со 11 поени, а на граница беа Стојановски и Љубичиќ со по 9. Уште еднаш се потврди дека без вистинскиот Љубичиќ, кој што играше променливо на овој натпревар и МЗТ не е вистинската екипа. Се врати Протиќ по повредата, но не одигра на потребното ниво, што е разбирливо со оглед на времето што ќе му биде потребно да се врати во вистинскиот ритам.

Во серијата со Крка, МЗТ нанижа 4 порази по ред, три во Словенија. Во следната, 9-та рунда, МЗТ игра дома со Црвена Звезда, што ќе биде најтешкиот испит до сега за Аеродромци, кои што пропуштија вистинска шанса со победа од Ново Место да одиграат мирен меч со црвено-белите.