Кошарка – ФИБА Европа куп, 2.коло, група „Ј“

Победнички императив за Куманово против КТП

04.11.2015 15:48

Откако загуби на гостувањето кај Турк Телеком со 22 коша, македонскиот претставник денеска ќе го пречека КТП. Финскиот тим со домашен пораз од Роса Радом допатува во Куманово, кој во меѓусебната пресметка влегува од фаворитска позиција...

Вицешампионското место во ланското првенство го охрабри Куманово наместо во балкански, сезонава да се тестира во континентални рамки, во ФИБА Европа купот. Откако загуби на гостувањето кај Турк Телеком со 22 коша, македонскиот претставник денеска ќе го пречека КТП. Финскиот тим со домашен пораз од Роса Радом допатува во Куманово, кој во меѓусебната пресметка влегува од фаворитска позиција.

КТП има интернационален состав со тројца Американци и еден Канаѓанец, но во домашната лига оствари само една победа на осум натпревари и се наоѓа на дното на табелата. И Кумановци имаат нејгативен биланс сезонава, но поддршката од навивачите за нив е голем адут пред дуелот со КТП.

Воедно тоа ќе биде шанса да ја забележат првата победа во петтиот натпревар на европска сцена во купската историја. Претходните четири беа во Купот на Радивој Корач во 1999-тата и во 2001-та.

Куманово тогаш четирипати загуби и не го минуваше првото коло, но сегашниот систем на натпревари во ФИБА Европа купот ќе им овозможи на Костоски, Луковиќ, Мандиќ и на другите да одиграт шест средби со силни ривали. Во групата „Ј“,  Куманово ќе се обиде да дојде до второто место коешто води во наредниот сегмент меѓу 32 екипи.

Постои опција да се обезбеди виза за него и со третата позиција, а токму тоа наметнува императив Куманово да слави против КТП. Преносот е планиран за Собранскиот сервис на МРТ од 20 и 30. Во другиот меч од второто коло во групата Ј, Роса Радом во Полска ќе игра со Турк Телеком.