Евробаскет 2017

Пет земји во најтесниот круг за организатори

05.11.2015 15:03

ФИБА Европа денеска објави дека Финска, Израел, Полска, Романија и Турција го испочитувале рокот и се пријавиле за домаќини на следниот, 40-ти Евробаскет. Македонија не е во кругот на аспирантите...

Пет земји истакнаа кандидатура за организација на Европското кошаркарско првенство во 2017-та. ФИБА Европа денеска објави дека Финска, Израел, Полска, Романија и Турција го испочитувале рокот и се пријавиле за домаќини на следниот, 40-ти Евробаскет. Македонија не е во кругот на аспирантите, иако се шпекулирше дека нашата федерација ќе има заедничка кандидатура со Србија и со Бугарија. Како и во случајот со претходниот, и овој пат апликациите се однесувале за организирање само на една група, на една група и на комплетната елиминациска фаза или пак, на целиот настан. Комисијата за евалуација на кандидатите во текот на месецов ќе ги посети сите федерации коишто учествуваат на тендерот, а потоа ќе поднесе извештај до Бордот на ФИБА Европа којшто ќе решава на седница на 12-ти декември.

Квалификациите за наредниот континентален шампионат ќе бидат одржани во летото 2016-та, а во нив ќе учествува и Македонија, со надеж дека шестипат ќе обезбеди настап на европските собири коишто по 2017-та ќе бидат одржувани на четири години. Седумте најдобри репрезентации од претходното првенство веќе имаат виза за претстојниот шампионат. Тоа се: Шпанија, Литванија, Франција, Србија, Грција, Италија и Чешка. ФИБА Европа ќе го задржи форматот и на Евробаскетот во 2017-та, на којшто во првата фаза, 24 национални тимови ќе бидат поделени во четири групи.