Бренд на македонската музичка историја: Фестивал на забавни мелодии „Скопје 2015“

08.11.2015 20:15

Востановен од генерации на ентузијасти во 1968 година, Фестивалот на забавни мелодии „Скопје“, не само што ја потврди и оправда заложбата да се има своја автохтонa сцена и музички израз, туку и самиот прерасна во културолошки белег, нераскинливо поврзан со  развојот и на Македонската Радио Телевизија, но и на државата.

Голем број на авторски и интерпретаторски имиња, својот професионален и уметнички кредибилитет го градеа паралелно со развојот на фестивалот, збогатувајќи ја  македонската музичка продукција на забавни мелодии.

Огромниот број песни и хитови коишто траат до ден денес, го потврдуваат реномето на фестивалот кој заслужено стана, не само фестивалски бренд на МРТ, туку и репер за создавањето на сите други фестивали во земјава.

МРТ во четврток, 12- ти ноември, со гордост го најавува новото издание на Фестивалот на забавни мелодии – Скопје 2015, којшто ќе се одржи на спектакуларната сцена во „Метрополис“ арената во Скопје.

Со цел да се овозможи транспарентност и подеднаков третман, МРТ одлучи: секој интерпретатор или член на авторскиот тим, јавно да го извлече својот среќен број за настап на фестивалската вечер, во емисијата „Стисни плеј“ на МРТ1 во петок- 06.11.2015 со почеток во 20:15 часот.

На фестивалот ќе бидат исполнети осумнаесет нови композиции, а македонските музички ѕвезди ќе настапат во придружба на големиот Ревиски оркестар на Македонската Радио Телевизија.

За трите најдобри ќе бидат доделени вредни парични награди: 600.000 денари за првопласираната, 450.000 за второпласираната и 300.000 денари за трето пласираниот интерпретатор и композиција.

За наградите одлучуваат гледачите преку телевоутинг и членови на стручно жири. Публиката ќе може да гласа на бројот што ќе биде објавен во текот на директниот пренос, само еднаш од еден претплатнички број за една композиција фаворит.

Вкупниот број на гласови од телевоутингот и стручното жири, во однос 50 : 50 %, според  Евровизискиот принцип на гласање, ќе го даде конечниот пласман на сите композиции, а со тоа и победникот на најновото издание на фестивалот „Скопје“ 2015.

Во ревијалниот дел на фестивалот, оваа година настапуваат специјалните гости: поп дивите на македонската музичка сцена, Елена Ристеска и Тамара Тодевска, коишто и самите, се дел од историскиот развој на Скопскиот фестивал.

Водител и на ова издание на Фестивалот на забавни мелодии „Скопје“ 2015 е нашиот познат актер Васил Зафирчев со музичко сценски перформанс во чест на добитникот на наградата за животно дело, којашто и оваа година ја доделува МРТ .

Наградата за животно дело и придонес во создавањето и афирмирањето на Скопскиот фестивал, а со тоа и на македонската музичка историја, оваа година му се доделува на композиторот, интерпретатор и музички продуцент, Славе Димитров, којшто целиот свој работен век го помина во МРТ.

Спектакуларната сцена, долга 25 метри со моќни аудио – визуелни перформанси,  дизајнирана по теркот на големите фестивалски сцени, ќе биде во функција на секој од интерпретаторите и изведбата во живо на нивните композиции.

Фестивалот на забавни мелодии „Скопје“ е еден од  најважните проекти на МРТ и Секторот за Културно уметничка програма на МРТ, чијшто креативен тим веќе неколку месеци работи на новото издание на фестивалот.

Уметнички директор на фестивалот и диригент на големиот Ревиски оркестар на МРТ е  Љупчо Мирковски, а режисер на директниот телевизиски пренос ќе биде Миле Гроздановски.

Директниот пренос од фестивалот на забавни мелодии „Скопје“ 2015, во четврток, на 12-ти ноември започнува во 20:15 на првата програма на Македонската Телевизија, а истиот  ќе биде пренесуван и на Македонското Радио – Радио Скопје како и на Сателитскиот канал на МРТ.

Бројот на билети за фестивалот е ограничен и пуштен во продажба, само во продажната мрежа на „Купи карти за сѐ“ / www.kupikartizase.com, по цена од 200,00 денари. 

 

НАСЛОВ АВТОР НА МУЗИКА АВТОР НА ТЕКСТ АРАНЖМАН ИНТЕРПРЕТАТОР
ПРОСТИ МИ ВИКТОР АПОСТОЛОВСКИ ВИКТОР АПОСТОЛОВСКИ АПОСТОЛОВСКИ/ЌОСЕВСКИ ВИКТОР АПОСТОЛОВСКИ
ЉУБОВ ИВАНА КАТАВЕНОВСКА ИВАНА КАТАВЕНОВСКА ДАМИР ИМЕРИ В.ИЛИЕВСКИ/Ј.ДИМЧЕВСКА
ПРЕМИН МАРТИН МИЛА МАРТИН МИЛА ГОЦЕ СИМОНОСКИ МАРТИН МИЛА
СИЛЕН ДОЖД АНДРИЈАНА ЈАНЕВСКА КСЕНИЈА НИКОЛОВА АНДРИЈАНА ЈАНЕВСКА МАЈА ВУКИЧЕВИЌ
ГРАДИНА ОД ЦРЕШИ САРА КОСТАДИНОВСКА САРА КОСТАДИНОВСКА САРА КОСТАДИНОВСКА САРА МЕЈС
УБАВА К.АРНАУДОВА/Б.ТРАЈКОВСКИ К.АРНАУДОВА/Б.ТРАЈКОВСКИ К.АРНАУДОВА/Б.ТРАЈКОВСКИ АЈ КЈУ
МУЗИКА ОД ЉУБОВ ТРАЈКО СИМОНОВСКИ ТРАЈКО СИМОНОВСКИ ТРАЈКО СИМОНОВСКИ ИВАН РАДЕНОВ
БЕГАЈ , БЕГАЈ ДАНИЕЛ ДАН КСЕНИЈА НИКОЛОВА САШКО НИКОЛОВСКИ ДАНИЕЛ ДАН
СЕЕДНО Е ГОРЈАН СТОЈАНОВСКИ ГОРЈАН СТОЈАНОВСКИ НИКОЛА АВТОВСКИ СИМОНА ПОПОСКА
ЈАС И ТИ К.АРНАУДОВА/Б.ТРАЈКОВСКИ КРИСТИНА АРНАУДОВА К.АРНАУДОВА/Б.ТРАЈКОВСКИ ЈАНА БУРЧЕВСКА
ИЛЈАДА СВЕТОВИ МИКИ СЕКУЛОВСКИ СТОЛЕ АВРАМОВ М.СЕКУЛОВСКИ/С.АВРАМОВ МИКИ СЕКУЛОВСКИ
БЕЗ ТЕБЕ ДАРКО ДИМИТРОВ ЕЛЕНА РИСТЕСКА ДАРКО ДИМИТРОВ АЊА ВЕТЕРОВА
ЗНАМ ТИ МЕ ОСТАВАШ НЕМАЊА СТАНКОВИЌ САРИНА СТОЈАНОВСКА ГОРЈАН СТОЈАНОВСКИ АЛЕКСАНДАР БЕЛОВ
ОРХИДЕЈА ЏИНА ПАПАС ЏОКСИ ОГНЕН НЕДЕЛКОВСКИ САШКО НИКОЛОВСКИ ЏИНА ПАПАС ЏОКСИ
ПЕЈ БРАТЕ МОЈ ИГОР ЏАМБАЗОВ ИГОР ЏАМБАЗОВ ДАМИР ИМЕРИ АЛЕКСАНДАР ТАРАБУНОВ
ОД ГРАД ДО ГРАД РИСТО САМАРЏИЕВ РИСТО САМАРЏИЕВ ВЛАДИМИР ДОЈЧИНОВСКИ РИСТО САМАРЏИЕВ
СЕЕДНО МИ Е ГРИГОР КОПРОВ ЕЛЕНА РИСТЕСКА ВЛАДИМИР ДОЈЧИНОВСКИ ЕЛЕНА ПЕТРЕСКА
НЕМА ДА МОЖАМ АНА ПАНДЕВСКА АНА ПАНДЕВСКА ДАМЈАН ЛАЗАРОВ ГОРАН НАУМОВСКИ