Фудбал

Македонија- Црна Гора: Ново поглавје за македонската фудбалска репрезентација

12.11.2015 22:01

Македонија во најдобрите свои 5 минути го направи победничкиот исчекор!

Ако е ова почеток на ново поглавје за македонската фудбалска репрезентација, тој е над сите очекувања. Победата над силната Црна Гора со 4:1 е поттикнувачки  резултат, по фијаското во квалификациите за Европското првенство.Игор Ангеловски, новиот селектор, навестува нов  офанзивен играчки пристап.

Македонија во најдобрите свои 5 минути го направи победничкиот исчекор!

Половина час Црна Гора беше доминантната репрезентација. Првата шанса ја имаше Беќирај во 7-та минута. Во 30-та минута Јоветиќ упати бомба кон голот на Димитриевски, но македонскиот голман бравурозно одбрани. Дотогаш резервираниот македонски состав, одеднаш предизвика луња пред голот на Црна Гора.Навестувачки беше ударот на Тричковски во 34-та минута, кој заврши со корнер.Во 35-та стигна првата радост!Ибраими испали проектил, пресилен за голманот Полексиќ, отпадокот Шиков лесно го претвори во 1:0.Две минути подоцна дриблерското шоу на Ибраими беше запрено на недозволен начин! Пенал, кој Трајковски го реализира беспрекорно.Сеуште не беше стивната радоста од двата брзи гола, а уследи и третиот.По грешката на Црногорците, Тричковски се стушти напред, прецизно му асистира  на  Трајковски за 3:0 во 40-та минута!За 5 минути гостите беа резултатски нокаутирани.

Офанзивната стратегија на двајцата селектори имаше продолжение и во вториот дел. По шансите на Јоветиќ во 48-та и на Беќирај во 53-та и 57-та минута, уследи нов налет на расположениот македонски состав. Трајковски направи упад зад одбранбената линија на Црна Гора и лесно реализира!.Во 63-та минута беше 4:0 за Македонија. Тоа беше првиот  репрезентативен хет-трик на Александар Трајковски.

Според се што прикажа, Црна Гора која во Скопје допатува во најсилен состав со своите ѕвезди Вучниќ, Јоветиќ, Беќирај, Савиќ...го заслужи почесниот погодок. Стрелец беше Јоветиќ во 89-та минута. Македонија одигра одлично, ги заслужи аплаузите од трибините.Новиот селектор Игор Ангеловски имаше исклучително успешно деби.

Ваквата уверлива победа на Македонија во пријателските натпревари не е ниту новост, ниту изненадување. Продолжението е во вторник, одново Скопје против Либан.

Македонија-Црна Гора 4:1

35-та минута 1:0 Шиков

37-ма минута 2:0 Трајковски (п)

40-та минута 3:0 Трајковски

63-та минута 4:0 Трајковски

89-та минута 4:1 Јоветиќ