Фудбал – Квалификации за ЕП до 21 год.

Македонија храбро против Франција

13.11.2015 19:44

Четвртиот предизвик во групата 3 ќе биде и најголем, главниот фаворит Франција, в недела во 13 часот на комплексот терени на ФФМ...

Откако по стартниот пораз од Исланд, врза две победи против Украина и Северна Ирска, репрезентацијата на Македонија за фудбалери до 21 година влезе во игра за двете позиции што обезбедуваат директен пласман или бараж за Европското првенство.

Четвртиот предизвик во групата 3 ќе биде и најголем, главниот фаворит Франција, в недела во 13 часот на комплексот терени на ФФМ. Триколорите имаат квалитетна реопрезентација составена од фудбалери кои играат во Првата француска лига, во англиската Премиер, во шпанската, но не се несовладливи. Имаат три бода повеќе од Македонија, но загубија од Исланд којшто е лидер со 11 бода, со два натпревара повеќе.

Иако ќе бидат без Давид Бабунски, нашите млади фудбалери покажаа и квалитет и талент и карактер и не се без шанси против Франција којашто ќе биде ослабена поради повредите на стоперите Лапорт и Зума.