Ракомет Лига на шампиони (ж) Ѓер - Вардар 28:27

Болен пораз и покрај добри 30 минути

14.11.2015 19:22

Норвежанката Локе на секунда до крајот им ја донесе победата на Унгарките од 28:27, како награда за фуризоните петнаесетина минути во второто полувреме...

И покрај извонредните 30 минути во коишто постигна дури 17 гола, Вардар недозволиво загуби на гостувањето кај Ѓер во петтото коло во групата Ц во Лигата на шампионите. Норвежанката Локе на секунда до крајот им ја донесе победата на Унгарките од 28:27, како награда за фуризоните петнаесетина минути во второто полувреме. Во нив, домашните ракометарки од минус три на паузата со серија од 8:1 отидоа на позитива од четири гола. Вардарки дури осум минути не ја погодија мрежата на Киш. Кога ритамот на Ѓер очекувано попушти, Вардар и покрај двоцифрениот број технички грешки, се доближија до бод, откако Радичевиќ на 45 секунди до крајот израмни на 27:27.

Бадијала, особено што во првиот дел речиси се функционираше во играта на Вардар, пред се во нападот иако во него и не учествуваа Пенезиќ и Лекиќ кои одиграа под нивото и заедно постигнаа пет погодоци. Предводени од Хмирова која со Радичевиќ и Дембеле реализираа по четири гола, како и Суслина која го заврши мечот со девет интервенции, црвено - црните со две секвенци од 4:1 и 4:0 имаа и водство од 15:11 во 26-та минута.

Влегувањето во игра на Горбич се покажа клучно, иако главната вина е на страната на македонскиот првак. Ветеранката ги разбуди ракометарки на Ѓер, релизираше осум гола и и асистираше на Локе за триумф и засега за четири бода во втората фаза. Дали ќе бидат повеќе ќе зависи од гостувањето кај Митјиланд.

Без разлика на дуелот од последното коло дома против Хипо, вардарки кон четвртфиналето ќе продолжат со четири бода освоени во дуелите со данскиот шампион.