Шести пораз на МЗТ Скопје во Јадранската лига

„Морача“ повторно неосвоена, Будуќност – МЗТ 65:55

14.11.2015 23:44

Највисоките плус 12 Будуќност ги имаше во 32-та минута, а сините од Аеродром намалија на 57-50 на три минути до крајот...

Слаб напад, очаен шут, клучните играчи под вообичаениот ефект и се разбира, четврти пораз во четвртото гостување на МЗТ Скопје кај Будуќност во јадранското друштво. Додека офанзивниот скок во првото полувреме го држеше македонскиот првак резултатски блиску до противникот, откако црногорскиот тим го затвори рекетот, предноста се зголемуваше. Највисоките плус 12 Будуќност ги имаше во 32-та минута, а сините од Аеродром намалија на 57-50 на три минути до крајот, Сепак, Будуќност е објективно поквалитетен и успеа да се обрани за конечни 65-55.

Љубомир Младеновски го одигра натпреварот на сезоната во АБА лигата со 13 поени, висок процент на шут и осум скока. Луковиќ даде десет, а Стојановски и Дреновац по девет, но со задоцнет финиш. Кај Будуќност најпрецизен беше Тадија Драгичевиќ со 19 коша, а по десет поени имаа Мариќ и Рикиќ. Тоа значи дека МЗТ прими 39 од 65 коша преку центарските позиции.

Составот на Алеш Пипан е во серија од три порази во Јадранската лига и со биланс 4-6 полека оди кон долниот дел од табелата, додека Будуќност ќе биде прв најмалку до утре. Идентични 8-2 ќе има и Црвена Звезда доколку дома победи против Игокеа.