Фудбал - квалификации за ЕП 21 год. - Група 3

Штета, Македонија - Франција 2:2

15.11.2015 19:30

Играчите и 1.500-те гледачи со минута молчење им оддадоа почит на жрвите во париската трагедија, но на теренот македонските јуниори долго немаа респект кон гостинските фудбалери кои играат во звучни екипи...

Нерешено против Франција обично би требало да значи задоволство, но овојпат чувството не  е комплетно позитивно затоа што репрезентација на Македонија за фудбалери до 21 година требаше, а не победи. 2:2, на комплексот терени на ФФМ во Скопје во третата квалификациска група за Европското првенство. 65 минути нашите млади фудбалери имаа контрола и водство од 2:0 и играч повеќе во завршниот половина час, но како да се изненадија што без проблеми стигнаа до позиција за триумф.

Играчите и 1.500-те гледачи со минута молчење им оддадоа почит на жрвите во париската трагедија, но на теренот македонските јуниори долго немаа респект кон гостинските фудбалери кои играат во звучни екипи. Со агресивност, цврстина,  дисциплина и добра тактичка поставеност Македонија и доволи на Франција да ја има топката, но не и да доминира и да создава шанси. Нашите играчи знаеја што сакаат во првото полувреме и тоа го остварија реализирајќи ги двете можности за гол.

Во 19-та минута, Аврамовски со пета го проигра Марковски кој му асистираше на прецизниот Ангелов.

И акцијата за водството од 2:0 беше фудбалски атрактивна , особено додавањето ан Велковски за погодокот на Радевски.

Очекувано, Французите на стартот на вториот дел притиснаа, но по само две минути Алексовски не му  дозволи на Кимпембе да го совлада. Аврамовски во 58-та за малку од слободен удар не го изненади гостинскиот голман Маињан. Кога во следната минута, Спарања го фаулираше Демири за втор жолт картон, се чинеше дека Македонија ќе ја оствари третата победа, но спротивно, нашите фудбалери беспотребно се повлекоа, а бројчаната инфериорност како да ги разбуди триколорите.

Во 65-та минута стоперот Кимпембе ја изнесе топката до нововлезениот Алер кој немилосрдно ја смести во мрежата.

Само седум минути подоцна, стрелецот на првиот француски гол му овозможи на Нкуду да израмни на 2:2.

Македонските репрезентативци се обидоа во финишот да ги вратат двата испуштени бода, но по ударите на Имери во 84-та, Марковски беше во офсајд, а обидот на Барди на две минути пред крајот францускиот голман го избоксува.

Првопласираната селекција во групата ќе оди директно на европскиот шампионат. Тоа засега е Исланд којшто има 11 бода. Во моментов Франција со 10 е на позицијата којашто обезбедува бараж. Македонија со натпревар помалку е трета со 7 бода и во следното коло во март наредната година ќе го пречека лидерот Исланд од кого на стартот загуби со 3:0.