Вембли како Сталинград, Мидвеј, Ел Аламејн

17.11.2015 18:10

Според околностите на глобалната сцена, „Вембли“ вечерва ја добива историската тежина на Сталинград, Мидвеј, Ел Аламејн. Не поради моќта на оружјето коешто е извор на војна и чувар на мирот. Напротив, поради моќта на зборот, поради моќта на солидарноста...

Франција жали, но нејзината репрезентација ќе игра фудбал. Според календарот случајно, според судбината можеби предодредено, само неколку дена по парискиот терор, „триколорите“ вечерва ќе истрчаат на „Вембли“ за натпревар со Англичаните. Ова веројатно е најважниот пријателски натпревар во историјата на фудбалот!!! Според околностите на глобалната сцена, „Вембли“ вечерва ја добива историската тежина на Сталинград, Мидвеј, Ел Аламејн. Не поради моќта на оружјето коешто е извор на војна и чувар на мирот. Напротив, поради моќта на зборот, поради моќта на солидарноста. Вечерва на „Вембли“ ќе се пее „марсељезата“!!! Од 90 илјади грла. Најмногу од Англичаните. Среде Лондон, некогашните вековни противници на историската сцена ќе играат за да покажат дека фудбалот е посилен од стравот, дека доброто е посилно од злото, дека цивилизацијата ќе се бори против неразумноста.

„До неодамна да ми кажевте дека ќе ја пејам француската химна во Лондон, ќе ве удрев“, рече еден англиски навивач и со искреност му подаде рака на човештвото. Поради оваа искреност, Французите решија да играат иако блиска роднина на Траоре загина, а сестрата на Гризман за малку го избегна најлошото во терористичкиот напад во театарот „Батаклен“. Поради човечка искреност и желба за поддршка, без оглед на стравувањата за нови напади, на „Вембли“ вечерва ќе биде британскиот премиер Дејвид Камерон, кралското семејство и градоначалникот на Лондон Борис Џонсон. Колку што е безбедно за 90 илјади гледачи, толку е безбедно и за нив! Затоа, според зборовите на Вејн Руни, оваа вечер ќе биде „вечер на заедништво“.