Кошарка, ФИБА Европа куп

Силата на Турк телеком против домашниот ефект на Куманово

18.11.2015 15:31

Во составот од Анкара се деветмина интернационалци од коишто четворица Американци. Нивната сила кумановци ја почувстуваа на првата средба којашто заврши со победа на ривалот од 22 коша...

Победа над фаворитот Турк Телеком може да биде решавачки чекор на Куманово кон втората фаза од ФИВА Европа купот, а пораз во вечерашниот натпревар нема да биде силен удар на амбициите на македонскиот претставик во напорите да го мине првиот филтер во континенталното натпреварување. Затоа против туската екипа денеска, кошаркарите на Куманово можат да одиграат без преголемо оптоварување и да се обидат да го остварат најзвучниот резултат во клупската историја. Се разбира дека ќе биде тешко, затоа што на спротивната страна на паркетот ќе се најде екипа со силно реноме. Турк  Телеком досега оствари три убедливи победи во групата „Ј“ од ФИБА Европа купот, а на тој начин ја поправи лошата слика од домашниот шампионат во којшто има само еден триумф на пет натпревари. Во составот од Анкара се деветмина интернационалци од коишто четворица Американци. Нивната сила кумановци ја почувстуваа на првата средба којашто заврши со победа на ривалот од 22 коша. Но овој пат домашниот терен е предност на играчите на Љубисав Луковиќ. На четирите мечеви пред своја публика сезонава, Куманово има максимален биланс. Ако го задржи и оваа вечер, тогаш ќе биде отворен патот кон првите две позиции во групата. И третата може да носи пласман во вториот групен сегмент, но тоа е потешката опција.

Роса Радом вчера го прегази КТП со 95-48, па сега е привремено прва со седум бода. Турк Телеком е апсолутен фаворит за првото место, а директниот дуел на Куманово и на полската екипа ќе решава за второто место. Затоа со победи над КТП во Финска и потоа против Роса Радом дома, но со повеќе од девет коша, кумановци ќе бидат втори. Бодови над туската екипа ќе бидат бонус и ќе овозможат полесна математика во завршните две кола. Може ли Куманово до нив, ќе видиме во преносот на Собрански од 20 и 30.