Голден Стејт и Кари сеуште перфектни, а ЛеБрон и во поразот на Кливленд со профит

18.11.2015 19:13

Предводник на “воините“ и овојпат беше МВП кошаркарот од претходната сезона Стеф Кари со 37 поени и 9 асистенции, со што Голден Стејт ја постигна својата 12 победа во исто толку мечеви сезонава...

Шампионот продолжува во уште поуверливо издание од минатата сезона и во атрактивна игра го порази Торонто со 115 :110. Предводник на “воините“ и овојпат беше МВП кошаркарот од претходната сезона Стеф Кари со 37 поени и 9 асистенции, со што Голден Стејт ја постигна својата 12 победа во исто толку мечеви сезонава, со што е само на три победи зад рекордот на Вашингтон Капиталс од 1948 и на Хјустон Рокитс од 1993 година. Детроит го изненади Кливленд со 104 :99 но мечот го одбележа Леброн Џејмс кој со 30 поени дојде вкупно до 25,193 со што го мина на вечната листа на стрелци легендарниот Џери Вест на 19 место. Во следните 3 натпревари се очекува Леброн да го престигне и Реџи Милер кој е на 18 позиција со 86 поени повеќе.

Во другите мечеви Вашингтон - Милвоки 115 :86 Бруклин - Атланта 90 :88 Њујорк - Шарлот 102 :94 Мајами - Минесота 91 :103 и Њу Орлеанс - Денвер 98 :115. Во источната конференција води Кливленд со 8 победи и 3 порази пред Чикаго со победа помалку, а на Западот зад перфектните 12 :0 на Голден Стејт е Сан Антонио со 8 победи и 4 порази. По мизерниот старт на Хјустон со само 4 победи во 11 настапи досега тренерот Кевин Мекхејл доби отказ, а на негово место за привремен тренер е назначен Џеј Би Бикерстаф.