За честа на клубот и за потврда на квалитетот

19.11.2015 13:40

За младиот состав на Лино Червар секој елитен натпревар е можност за потврда на квалитетот,за оправдување на довербата од европската федерација за вајлд-картата за настап меѓу елитата...

Металург ги загуби шансите за плеј-офот и евентуално продолжување на сезоната во лигата на европските шампиони,но тоа не значи дека нема мотиви,желба и амбиции последните 3 средби од групната фаза да ги одигра максимално,без калкулации и на победа.За младиот состав на Лино Червар секој елитен натпревар е можност за потврда на квалитетот,за оправдување на довербата од европската федерација за вајлд-картата за настап меѓу елитата и најмногу за потврда и убедување на бројните навивачи дека како што вели стратегот Металург живее и има перпектива и квалитет за враќање на старите патеки.

Како и на претходните натпревари ,фаворитската улога металурзите му ја препуштаат на домаќинот пред денешното гостување во Шафхаузен,но со увереност дека ако се одигра на нивото од второто коло кога во Борис Трајковски, Металург го одигра можеби најдобриот и пред се најконстантниот натпревар  за победа над Кадетен со 28-24,тогаш се е можно и на теренот на противникот особено што сега и притисокот е помал,а и нема што да се загуби.

Амбициите за позитивен резултат се поткрепени и со фактот дека со исклучок на првото гостување во Запорожје,Металург одигра одлично кај Скјерн и Баја Маре на гости и само поради неискуството во решавачките моменти минимално ги загуби двете средби.А, токму се  поголемото искуство поткрепено со сознанието дека швајцарскиот првак еднаш е веќе совладан се гаранција за добар настап на нашиот претставник во лигата на шампионите и се надеваме на возбудлив и докрај неизвесен натпревар.Клучот на евентуален успех одново би требало да биде добрата игра во одбраната. По 7 кола во сите групи импозантно делува податокот дека еден од најмладите состави во елитната лига има најдобра одбрана или само 155 примени погодоци.

Можеби одбраната 5-1 со интенција да се запре најдобриот поединец во Кадетен ,олеснетата задача на линијата од 6 метри поради отсуството на данецот Кох ќе бидат клучни во дефанзива,за во нападот Металург да ја одигра својата игра со интенција на анулирање на најголемиот недостаток досега,преголемиот број технички грешки.Фактот дека притисокот ќе биде на домашниот состав кој со пораз ги губи плеј-оф шансите исто така оди во прилог на Металург,но тоа се само податоци и предвидувања.Она што е сигурно е дека од 20 часот во ББЦ арената во Шафхаузен на двете страни ќе има по 7 играчи и се стартува со резултат 0-0.Како ќе биде по 60 минути ќе видиме на првиот програмски сервис на Македонската телевизија.