Фудбал- Лига на шампиони - 5 коло Групи Е, Ф, Г, Х

Барселона, Баерн и Зенит со стил во осминафинале

25.11.2015 15:28

Барселона, Баерн Минхен и Зенит со стил и како први во групите обезбедија осминафинале, дополнителни седум екипи и во 2016-та ќе играат во Европа, зависи само во кое натпреварување, додека за три тима последното коло на 9 декември нема да има никакво значење.

Победничката атмосфера од Сантијаго Бернабеу, Барселона ја преслика и на Камп Ноу. 6:1 против Рома на којашто не и е првпат да биде демолирана, затоа што од Баерн и од Манчестер Јунајтед губеше и со 7:1. Европскиот првак демострираше моќ со двата гола на Суарез, вкупно пет сезонава, исто толку постигна и Меси откако се врати во елитното натпреварување по речиси двомесечна пауза, додека осамениот во отпорот Шчешни го совладаа и Пике и Адријано. Полјакот му одбрани пенал на Нејмар, како и Тер Штеген на Џеко. Римјаните немаат победа на гости пет години, сезонава надвор од Олимпико постигнаа седум гола, вклучувајќи го и вчерашниот на Џеко, но освоија само бод којшто сепак може да биде клучен за пласман во нокаут фазата. Ако Рома во завршното коло дома слави против Бате ќе игра во осминафиналето.

Причина за тоа се нерешените 1:1 во Борисов меѓу Бате и Баер. Грешката на германскиот голман Лено и погодокот на Гордејчук ги анулираше Мехмеди со четвртиог гол сезонава во Лигата на шампионите или петти на исто толку европски дуели. Математиката е на страната на Рома во Групата Е, Бате само со победа во Рим би можел да направи историски успех, додека на Баер во Леверкузен му е е потребен триумф против Барса, но и Италијанците да не ги совладаат Белорусите.

Баерн гази, ги полни противничките мрежи, досега вкупно 17 гола, овојпат со 4:0 настрада Олимијакос којшто сонуваше за бод и за елиминациска фаза уште во Минхен.  Даглас Коста, Левандовски, Милер и Коман му обезбедија на германскиот првак привилегирана позиција на осминафиналното извлекување. Полјакот и Германецот се меѓу петте фудбалери со по пет гола на врвот на листата на стрелците. Грците нема многу да жалат затоа што во Атина можат да си дозволат и пораз од еден разлика од Арсенал, но во натпревар со не повеќе од пет гола.

Арсенал не ја повтори грешката кога на Емирати загуби од Олимпијакос со 3:2,  а во Загреб со 2:1 од Динамо, па со триумфот од 3:0 против хрватскиот шампион остана во игра за втората позиција во Групата Ф. Со голот на Озил и двата на Санчез, топчиите обезбедија барем преселба во УЕФА Европа лигата, но на „Кариаскакис“ ќе се обидат и шеснаесета сезона по ред да влезат во нокаут сегментот во Лигата на шампионите.

Зенит е единствената екипа којашто по пет кола има исто толку победи и петти пат по ред ќе игра во осминафиналето. Откако ја совладаа Валенсија со 2:0 со погодоците на Шатов и петтиот сезонава на Џјуба, Русите ќе се обидат да бидат само седмиот тим  во историјата којшто остварил максимален број победи во групата.

Некогашниот двоен финалист, Валенсија сега не зависи само од резултатот на домашниот меч против Лион којшто не е во конкуренција, туку и од тоа дали Гент ќе слави против Зенит. Белгијците од 0:1 со голот на Фери се вратија до 2:1 на Жерлан против Лион, благодарение на слободниот удар на Миличевиќ и погодокот на Кулибали во 95-та минута. Дебитантот е втор во групата Х со бод повеќе од Валенсија против којашто има и подобар меѓусебен биланс.

Порто моментално е лидер во групата Г, но во најкомплицирана ситуација во пресрет на завршното коло. Португалците и Челзи имаат по 10, а Динамо Киев осум, но во случај на ист број бодови, во мини табелата на три екипи, Порто е најслаб. Откако триумфираше на Драгао со 2:0 со головите на Јармоленко и на Гонзалез, Динамо со евентуална победа дома против Макаби Тел Авив којшто досега нема ниту бод, ќе игра во осминафиналето.

Челзи со 4:0 со головите на Кејхил, со шестиот од слободен удар сезонава на Вилијан, потоа на Оскар и на Зума, немаше проблеми против Израелците и му е доволен и бод на Стемфорд Бриџ против Порто за да ја одржи актуелна изјавата на Мурињо дека може да ја освои Лигата на шампионите.