Фудбал УЕФА Европа лига - 5 коло Група А

Селтик и Ајакс за европски опстанок

26.11.2015 14:15

И двете екипи се во лоша форма, Селтик девет натпревари нема триумф во УЕФА лигата, фудбалерите на Ајакс, пак, не се радувале на победа на пет европски меча и на исто толку на гостински терен...

Некогашните шампиони се далеку од европскиот фудбалски врв, па дури се мачат да опстанат и во УЕФА лигата. Селтик и Ајакс ќе играат меѓу себе, не смеат да си дозволат ниту нерешено, а истовремено ќе се надеваат дека Фенербахче нема на гости да слави кај Молде којшто веќе се пласираше во шеснаестинафиналето. Само евентуалниот победник на Селтик Парк би останал во игра за втората позиција во групата А. 

И двете екипи се во лоша форма, Селтик девет натпревари нема триумф во УЕФА лигата, фудбалерите на Ајакс, пак, не се радувале на победа на пет европски меча и на исто толку на гостински терен.

Шкотскиот првак, на 15-те натпревари во домашното првенство има само еден пораз, но негов најголем проблем е што офанзивниот стил на норвешкиот менаџер Деила не функционира во Европа. Одбраната е особено порозна, па на четири натпревари прими девет гола. Затоа Шимуновиќ ќе остане на клупата, а во дефанзивата ќе се врати Изагире кој беше исклучен на првиот меч во Амстердам. Поради важноста на натпреварот, капитенот Браун ќе игра иако не е максимално подготвен. Истото важи и за главниот креативец Комонс кој беше болен. Поради повреда нема да настапи Карлтон Кол, што значи дека нападот ќе го предводи Грифитс.

Холандскиот тренер Франк де Бур, пак, нема вакви проблеми, па офанзивата којашто е најквалитетен дел од екипата, повторно ќе бие составена од триото Јунес, Милк и Фишер.

Меѓусебната традиција содржи девет натпревари во три европски конкуренции, Селтик е поуспешен со четири победи, три дома, толку вкупно триумфи има Ајакс, еден во Глазгов, додека два меча завршиле нерешено вклучувајќи го и оној во септември, 2:2.

Но, ремито никому не одговара што е дополнителна привлечност на дуилот на екипите коишто кон крајот на шеесетите и почетокот на седумдесетите години на минатиот век ја покоруваа Европа.

Натпреварот Селтик - Ајакс почнува во 21 часот и пет минути со пренос на МРТ1.