Во „Македонскиот“ СЕХА дуел Вардар фаворит против Макс Струмица

01.12.2015 15:06

Вардарци да се вратат на позициите кои водат на Финалниот турнир, а Струмичани многу поскромно, да остават што подобар впечаток...

Во македонската пресметка од 10 коло во СЕХА лигата нашите два престставника ќе влезат со дијаметрално различни амбиции. Вардарци да се вратат на позициите кои водат на Финалниот турнир, а Струмичани многу поскромно, да остават што подобар впечаток. Нивниот прв меѓусебен дуел на стартот од сезоната му припадна на Вардар со 35 :26, а оттогаш “црвено црните“ собраа 19 бода во 9 натпревари, а Струмица само два во 10 одиграни средби.

Иако составот е сеуште неизвесен поради неколкуте повреди, тренерот на Вардар Раул Гонзалес на прес конференцијата изјави дека очекува победа која треба да биде остварена со максимален приод во играта. И “пикерот“ Мијајло Марсениќ  кој беше еден од најдобрите во завчерашното гостување во Кјелце најавува добра игра и освојување на 3 бода, што е особено неопходна по серијата од 3 порази во Лигата на шампионите. Утрешниот дуел со македонскиот вицепрвак за вардарци е одлична проверка пред саботниот меч против Колдинг во 10 коло од елитното натпреварување.  

Натпреварот Вардар – Макс Струмица се игра утре во СЦ “Јане Сандански“ со почеток во 17.45 часот.