Кошарка – ФИБА Европа куп, 6.коло

Теорија има, но реалноста не е на страна на кумановци

02.12.2015 12:26

Билансот од една победа и четири порази досега го оддалечи македонскиот претставник од шанса во меѓусебен дуел со Роса Радом да решава за втората позиција во групата „Ј“...

Иако теорија постои, сепак, јасно е дека кошаркарите на Куманово денеска ќе го одиграат последниот натпревар во ФИБА Европа купот. Билансот од една победа и четири порази досега го оддалечи македонскиот претставник од шанса во меѓусебен дуел со Роса Радом да решава за втората позиција во групата „Ј“. Пресуди загубениот меч на гостувањето во Финска против Ка-Те-Пе, иако хартијата трпи се, па шанса има. А за да стане реалност и Куманово да влезе во групите од втората фаза, потребно е денеска да триумфира над послкиот тим со што поголема разлика, со услов конкурентите да загубат со што поголема разлика, па Куманово да биде втор најдобар третопласиран тим во својата конференција од ФИБА Европа купот. Тоа е невозможна мисија! Но возможно е нашиот вицепрвак да одигра за клупската чест, да се обиде да го совлада сопставот на Роса Радом и да ја забележи втората победа во деветтиот настап на европската сцена.

По заминувањето на тренерот Луковиќ, кумановци се во преодна фаза во поглед на играчкиот состав. Мандиќ и Дивајн денеска нема да бидат во комбинација, а тоа значи дека Куманово ќе нема долга клупа. Противникот досега забележа три победи и загуби само од Турк Телеком, но разликата во пласманот меѓу двете екипи е гостувањето во Финска. Роса Радом оттаму се врати со успех, па затоа го обезбеди второто место и визата за настап во новоформираните групи. Куманово претрпе пораз од девет коша на првиот меѓусебен меч. а дали ќе најде сили и мотив да се реваншира, ќе видиме во преносот на Собранискиот сервис на МРТ од 19 часот.