Ракомет - Супер лига - 11 коло

Металург подобар од Работнички за 11 од 11

02.12.2015 22:11

Решавачка за победата беше серијата од 9:0 во финишот на првото и почетокот на второто полувреме кога гостите од 6:8 побегнаа на 15:8. Домашните ракометари 14 минути не постигнаа гол...

Металург славеше против Работнички во 11-то коло од Супер ракометната лига со 27:19. Решавачка за победата беше серијата од 9:0 во финишот на првото и почетокот на второто полувреме кога гостите од 6:8 побегнаа на 15:8. Домашните ракометари 14 минути не постигнаа гол.

Поради болест на Червар, екипата од Автокоманда од клупата го водеше Јовиќ, за да биде поготвен за завршниот дуел во Лигата на шампионите против Елверум, отсуствуваше и голманот Дупјачанец. Најефикасен на мечот беше Божовиќ од Металург со седум гола, Матиќ постигна пет, Вуковиќ имаше 12 одбрани.

Кај Работнички, Никола Марковски реализираше пет, Мојсовски четири погдоци, Ѓорѓевски го заврши мечот со 10 интервенции, Велко Марковски замина во Загреб, а Мите Стоилов не играше поради повреда.

Металург е прв со максимални 33 бода, Охрид има 27, Прилеп 21, исто толку и Работнички со кого завршува плеј - оф зоната.  За неа во игра се уште и Вардар јуниор со 18 бода, па и Радовиш на шестата позиција со 15.

Пред утрешниот дуел во Скопје, Пелистер и Пролет имаат по девет, Борец седум, а последнопласираниот втор тим на Металург само бод.