Трпчески блесна и во виенски Музикферајн

20.01.2014 14:21

Една од најпрестижните светски концертни сали, виенскиот Музикферајн – домот на Виенската филхармонија и местото од каде што секој прв ден во годината светот ужива во директниот пренос на традиционалниот Новогодишен концерт, во саботата и неделата (18. и 19.01.), ечеше од овациите на пребирливата публика по настапот на македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески, кој заедно со Тонкинстлер оркестарот на Долна Австрија под диригентската палка на рускиот маестро Михаил Јуровски го изведе омилениот Концерт за пијано и оркестар број 1 од Чајковски.

 „Моето искуство со Симон е многу добро бидејќи можам да кажам дека станува збор за огромен талент со многу добра техника и тоа во самата идеја за совршена техника и музикалност, пред се’ низ неговите совршени можности да ја изрази музиката. Дел е од голема школа со руско влијание и многу ми е мило што со слушнав Концертот на Чајковски во изведбата што ни ја подари Симон “ – изјави за МРТ маестро Јуровски, чиј син Владимир своевремено диригираше со Лондонскиот филхармониски оркестар на гостувањето со Трпчески во Скопје.

 Можноста да ја награди одушевената публика во Музикферајн со музика од Македонија, Трпчески и овојпат не ја пропушти:

 „Ова ми е прв настап во оваа престижна сала во Виена која досега сум ја гледал само на телевизија и на фотографии. Навистина е возвишено чувството да се застане на сцената во една сала и во еден светски центар со огромна традиција во класичната музика. Луѓето кои доаѓаат овде знаат што слушаат и што бараат и имаат изграден вкус. Според реакциите во два пати полната Музикферајн, мислам дека концертите поминаа навистина многу убаво. Мило ми е за соработката со уште еден член од семејството Јуровски, диригентот Михаил, со кого направивме убава приказна во Концертот на Чајковски, заедно со Тонкинстлер оркестарот. Секако, многу ми е мило и што во една вака прекрасна сала прекрасно на бис прозвучи и македонската музика за која публиката навистина покажа ентузијазам да го прифати чувството што го создава нашата музика каде и да ја исполнувам и едноставно ги поткрева од седиштата“ – задоволно изјави Симон Трпчески за МРТ.

Бравурозната серија по двата концерта во распродадениот виенски Музикферајн, вечер (понеделник, 20 јануари) завршува во австрискиот град Санкт Пелтен.